Выбрать главу

— Добро, — рече најпосле Кејтеновиот син смирувајќи се, — но немој повеќе да ме смееш.

— Не, — му ветив, — нема да те смеам, — не разбирајќи со што толку сум можел да го засмеам.

— Тогаш да појдеме, — рече влечејќи ме низ мрачниот и со пајажина полн таван на домската зграда. Тој одеше како низ поле, се движеше како низ најпознат пат. Се чинеше, со векови одел по тој пат, го познаваше. Сите пречки толку вешто ги совладуваше и истовремено толку добро ме водеше што во часот помислив да не е нешто опфатен од духовите. Проклет да бидам, духовите. Водните духови, тие да не го маѓепсале да не ме води крај заѕиданите прозорци. Како господар на таванот се молкнеше низ него. Проклет да бидам, тој тоа и беше, господар на таванот. Таванскиот простор го знаеше напамет, сигурно тука пред тоа илјадапати доаѓал. Се колнам, илјадапати додека го нашол тоа место. Кога најпосле застана, тој со нешто подруг глас, со некој глас што не го познавав ми рече:

— Малечок Леме, слушај ме добро, ќе работиш тоа што ќе ти речам, — проклет да бидам, тоа беше сосема друг глас, чинам му гореше. — Малечок, сега ќе мораш да ги затвориш очите, — тоа беше наредба.

Сето тоа го рече со таков глас што не смеев да го препрашувам, мирно ја исполнував секоја негова наредба, си ги ставив дланките на очи, замижав.

— Добро, — му одговорив, — мижам.

Кејтеновиот син помолче, како да се премислуваше еден час, оставаше впечаток на човек што се нашол пред голема одлука. Со оној ист глас рече:

— Верувај ми Леме, — рече тивко, како да ги кинеше зборовите од својата душа, — верувај ми, малечок, еден век мораш да останеш така на тоа место. Биди човек, Леме, ништо не е тоа, — проклет да бидам, — само еден век.

Јас сето тоа го примив со онаа чиста и длабока љубов што се има кон пријател и другар. А освен тоа, неизмерно многу ми се допаѓаше неговиот начин на кој ги изведуваше сите слични работи. Кејтеновиот син беше еден од оние ѓаволски старци што можеа да гледаат илјада километри пред себе, божем сета далечина беше собрана во неговите очи. Еднаш, веќе беше доцна ноќ, далеку на небото виде бледа светлост, далечна светлост. Рече, тоа е ѕвезда што паѓа, Леме, што гасне, што умира. Сето тоа го виде пред да падне ѕвездата, што јас морав потоа за с`е да му верувам. Кејтеновиот син гледаше како господ. Што ли сега гледаше, каде ли ме водеше со затворени очи, по стопати во миг ми доаѓаа сите овие прашања.

Не верувам дека сето тоа потраја толку бесконечни векови, но кога ми ги стави своите раце на моето лице и кога ги зеде моите во неговите, кога најпосле ги отворив очите, — јас само за малку што не крикнав. Пред моите очи како во најубав сон се откриваше целата површина на езеро. Големата вода. Проклет да бидам, тоа беше Големата вода. Големата вода беше пак толку блиску, се колнам, таа беше во нас. Јас ја прегрнував како родна мајка, ја прегрнував како нешто — најмило во животот. А таа доаѓаше с`е поблиску, со светли бои, со илјадници гласови, со многу векови тажење. Требаше сто векови да се остари за да се зачува детството.

— Кејтен, — шепнав, сакав сета тага да му ја соопштам, но не требаше, тој беше во мене, го знаеше сето мое срце, секоја моја мисла. Тој како да ми беше близнак, цел живот како да сме биле заедно. Проклет да бидам, цел живот.

— Биди човек, малечок Леме, — ми рече, — биди човек здржи се, не сме веќе сами, — покажуваше кон Големата вода.

— Биди човек, малечок Леме, — Големата вода ги повтори неговите зборови, — биди човек малечок Леме и стегни го срцето. Молчи.

— Прости, — му реков на мојот пријател. — Прости, Кејтенов сине, Голема водо, — реков бришејќи си ги солзите. Повторно се чувствував слободен со своето лошо име Лем. Чувствував како се раѓа Сентерлевиот рид, како одам по него, како се качувам и како тоа не било залудна работа. Проклет да бидам, верував. Кејтеновиот син, разбирајќи ја мојата мисла, рече:

— Слушај Леме, слушај мало будалче, — ме прекори, — ова место никој не го знае освен тебе и никој не смее да го има додека не го заслужи. Слушај малечок, уште додаде, сега само јас и ти го знаеме ова место и немој да си го издал, кажал. Ова место мора да се заслужи, Леме, — рече многу сериозно, предупредувачки.

— Што значи, — прашав, — некој нешто да заслужува.

— Да, — рече, — како да знаеше пред тоа што ќе го прашам, — ти тоа не го разбираш, Леме, но еден ден ќе го разбереш. Еден ден, по неколку илјади векови, с`е ќе се дознае.

— По колку векови? — реков како да не сум го чул. — По колку векови с`е ќе се дознае?

— Не смеј ме, Леме, — рече Кејтеновиот син, — не прави се поумен отколку што си, не прави се дека с`е можеше да знаеш. — Се позамисли малку и, вадејќи ја раката од својата шилеста брада (секогаш раката му беше на брадата прилепена), — мавна со неа свртувајќи се кон Големата вода и, со мошне весел глас, рече: — Се обложувам, малечок, дека ти не знаеш и со што си го заслужил ова место. Нели, Леме? — рече и ме загледа со своето убаво, светло око.

— Не, — искрено му одговорив, — но сигурно сум го заслужил, илјадапати сум имал право на него, — сакав да му речам, но замолчев за да не го засмејувам.

— Ми се допадна, малечок Леме, — рече самиот сакајќи да зборува, ми се допадна уште оној час кога падна на земја, — една горчлива насмевка му прелета преку лицето, кога беше во правта, мислам кога ја подигна главата од правта и кога му рече на татенцето, — зошто н`е тепате, ние бевме крај Големата вода, проклет да бидам, тоа беше храбро, малечок. Таква храброст уште не сум видел, можеби мрмореше малечок, но тоа беше храбро. Никој друг не можеше такво нешто да измисли, да рече. Тоа ме додржа на нозе, малечок. Но не е тоа, Леме, не и тоа, пријателе. Не! О, ѓавол си ти, Леме, најголем ѓавол! — Потоа си ја почеша својата растурена, црвеникава коса, дива како кај јарињата и, насмевнувајќи се, рече: — За нешто друго заслужи ова место, Леме го заслужи за сите оние денови што не се истави од ѕидот барајќи го оној процеп за да ѕирнеш малку кон водата. Мислам она ѕидиште нема место каде што нема твое окце. И што бараше, малечок Леме, — рече ставајќи ми рака на раме, — го бараше ова место и, ете, сега го имаш, биди среќен! Си го заслужил да го имаш, Леме. Тоа е твое, — рече и како враг се лизна низ таванот оставајќи ме сам на тоа место. Како тој миг и самиот да се претвори во дел од таа вода, потона во ноќта.

Еве еден од најрадосните векови во домот. Проклет да бидам, тоа беше најрадосен час во мојот живот. Признавам ниту тогаш, ниту подоцна веќе не доживеав еден таков радосен век. По еден таков миг, можев да издржам секаква казна. Од тој ден животот во домот сосема ми се промени, ме напушти толку заканувачкиот страв што беше вселен во секое катче во домот, повторно можев да мислам на Сентерлевиот рид, на оној рид од каде што се раѓа сонцето. Проклет да бидам, тоа беше радост.

Ноќите поминати на таванот беа најубавите часови во домот. Тука, на слобода, со илјади звуци, бои и желби. Го чувствуваш тоа, го впиваш во себе и од лазливо, црно полжавче, одеднаш стануваш нешто големо, чудесно, живо. Во твоето малечко исплашено срце се раздвижува џиновски бран. Гледаш се руши ѕидот, во твојата душа се втиснува радосно чувство дека ќе се исполнат желбите. Кликнува во тебе, се отвораат твоите слабости гради и од нив кон небото излетува чудесна птица, со златни перје. Со часови потоа без некој да може да ви забрани летате над водата. Крилјата ви се силни како кај млад гулаб што се родил тука, во топлите седела на старите стени, карпи. Страшното рикање на брановите, таа силна бура онаа ноќ кога дојдовте на свет, тој голем страв, неизвесност, се губи мигум во оној час кога вашето светло, леко крило ќе го допре маѓепсниот бескрај на пространството. Леташе без умор, без крај. Лудо. Те мамат невидени, волшебни предели, еден од друг поубави, посветли. Дотогаш нешто слично не виделе твоите очи, како магнет те влечат кон нешто уште поубаво, посветло. Вечно. Проклетда бидам, вечно. Јурејќи, се сретнуваш со смртта. Слушаш некое од децата во сонот, во тихата, глува ноќ, вриснува како да му ставил некој нож под грло. Гледаш ококоравени лица на смрдливите постелчиња, уште во сон, во бунило. Во треска. Тогаш како луд трчав на тоа место на таванот. Се прашав молкнејќи се низ големите пајажини: каде е тој рид, тој проклет рид што некое од децата го нарече Сентерлевиот?