Една пролет, смртта на ѕвонарот
Ѕвонарот беше единствениот човек затекнат, затечен во домот од стариот персонал на болницата. Порано, се откри, нашата „Светлост“ била „Вила МИР“, специјално за душевници. Еден од нив беше и ѕвонарот, другарот Анески. Но не можеше да се рече дека тој сосема беше луд. Уште помалку треба да му се префрли дека не си ја знаеше својата работа. Тоа беше негов стар занает, се колнам. Господе, како можеше тој да издржи, тоа беше вистинско чудо. Ако веќе ја зборуваме вистината, каков лукав и препреден беше тој, какво вретено беше другарот Анески, тогаш ќе треба да му симнеме капа, да му се поклониме. Очигледно разбра итрецот дека неговите луди постапки му се допаѓаат на татенцето, па тој тераше докрај. Нашиот ѕвонар прекрасно знаеше да си ја чува карактеристиката.
Еднаш тој цела ноќ не можеше да заспие. Го болеше левиот катник, никаде место не го земаше. Што не пиеше, стави и корен од коприва, однекаде се изнајде и ракиица, но болките никако да престанат. Саноќ офкаше на глас, проклет да бидам, минеше од спална во спална офкајќи на сиот глас само за да не спиеме и ние. А кога некое од децата, смеејќи се, исто како него офна, тогаш тој сосема излуде. Иако беше ноќ, никоја доба, полноќ, нареди да се построиме во дворот. Тоа беше зимска, декемвриска ноќ. Беше сува, студена зима, камен пукаше. Насекаде наоколу беше глуво, само лутиот ветар остро, како коса минеше над земјата. Ситниот снег како глогов трн удираше по нашите лица, пискаше секој предмет, пискаше земјата. Тоа беше сигурно најпуста ноќ во светот, мразот н`е закова на земјата. Се колнам, болките го напуштија ѕвонарот, му помина болот, оздраве. Невозможно, речете, но тој се излечи. Проклет да бидам, да не завршеше така ненадејно оној ден, можеби денес далеку ќе дотераше. Што имаше врска тоа што беше луд, уште поубаво, секоја задача ја исполнуваше без збор. Не, се колнам, не се шегувам, ќе беше од него човек, градител и слично, само ако тој ден не се опаметеше.
Неговата покорност, неговата понизност, пожртвуваност и дисциплина набргу го исфрлија на површина. Токму така, го исфрлија на површина. Ако запнеше тој можеше да си прибави и одлична биографија. Едно време се пренесе дека, имено тој, другарот Анески, бил организатор на некаков бунт во болницата и така нешто слично, што не беше за потценување. Меѓутоа, за вистината, тој беше поскромен човек, а над сето веќе смртно беше вљубен во својот позив и камбанчето. Проклет да бидам, камбанче. На пример, ниту еден единствен пат не се случи тој да се оддели од камбанчето со кое н`е будеше. Некои од децата што не му сторија за да се откаже од таквите лудории, но тој упорно си го тераше своето. Нема што, тој имаше нешто константно во својот карактер. Камбанчето и ќускијата ги држеше во својот кревет како брачни реквизити. Не, навистина не беше толку луд другарот Анески, тој напросто совршено добро ја познаваше душата на нашето татенце Аритон Јаковлески. Се разбира, и самиот ред. Ете, знаеше дека управата секојдневно војува со Кејтеновиот син и немаше изутрина тој прв кај него како изулавен да не налета, над неговото креветче. Боже, беше несреќен, па тој толку патеше што не можеше еднаш, барем еднаш да го начека заспан. Проклет да бидам, тој само си ја навлече смртта на вратот.
Будењето имаше два дела: првиот дел беше нормалниот, кога ѕвонарот имаше сосема мирољубив однос. Проклет да бидам, некој измислил нормален однос кон будењето. Во таков случај ѕвонарот во одреденото време се качуваше на малата бина што беше поставена среде двор и од тоа место почнуваше со своето ѕвонење. Мислам немаше жив што не можеше да го чуе. Сигурно од домскиот звук се будеше и целата околина, целата околина, се тргаше од својот сон. Вториот дел од будењето беше поврзан со будниот карактер на ѕвонарот. Како секој потчинет и ропски човек, тој беше смртно исплашен за својата бедна иднина. Секое задоцнување во стројот тој го разбираше многу лошо; мислеше дека е тоа вперено директно против него за да му ја расипеме карактеристиката кај татенцето. Едноставно таквите луѓе се полни со страв, се напрегаат над своите способности, живеат во штрек, од ден на ден стануваат с`е побездушни, послепи. Ете зошто ѕвонарот, и преку редот и преку с`е, измисли прв, втор дел на будење. Можеби ноќта не спиел додека дошол до тоа, додека се досетил за такво нешто. Зар тоа не е најсвирепо, најстрашно самоубиство, о, на час кога би му се избистрила малку матната глава. Проклет да бидам, какво ужасно слепило, каква незамислива казна.
Ѕвонарот кога ќе се појавеше во спалните чиниш дошла чумата. Тој беше толку суров и во исто време лукав што не дозволуваше никакво мушнување. Замислете си еден човек без сон колку може да го почитува сонот на другите. А нашите детски срца од сите четири страни беа полни со соништа, бликаа. Замислете еден таков човек да ви биде чувар на вашиот сон, каков ќе биде тој сон? Не оставаше да н`е ѕирне и под постелите, насекаде каде што можеше да се посомнева неговата болна глава. Секаде каде што можеше да биде сонот тој го гонеше. Го гонеше како свој најголем непријател. Така и беше, тој се плашеше од сонот. Проклет да бидам се плашеше. Очигледно никогаш немаше мирен сон, кога се пробудуваше изгледаше измачен и длабоко несреќен, претепан. Оставаше впечаток на човек што се враќа од долга робија. Природно, секоја негова постапка одеше во крајност, што во почетокот изгледаше и забавно. Понекогаш тој не си веруваше и на сопствените очи, претпоставуваше дека и тие би го излажале. (Кутриот, во с`е се сомневаше — во себе, во другите, во денот, во ноќта, дури и во земјата што ја газеше под себе). Ќе влезе во клозетите, ќе ги отвори шифонерите, ќе ѕирне под креветите, насекаде, насекаде. Шутиот тоа го изведуваше на мошне духовит начин, но не и непресметано. Набргу потоа сфативме оти во ништо не смееме да се шегуваме со ѕвонарот. Зашто, ќе се случи ли, сепак, некој да биде фатен каде што не му беше местото, тогаш тешко нему. И со лекарско уверение беше ризично да се остане в кревет. Лудакот не оти ќе те праша, потегнуваше со железото и — што ти пишал господ. Проклет да бидам, што ти пишал господ. Сепак, најстрашно беше кога ќе запенавеше, кога без никаква причина ќе се разбеснеше и ќе фатеше некое дете да дави.
— Тебе, скоте, во подрумот, — излудуваше, — во подрумот, арамијо!
А ако се осмелите некако и го прашате што сте му украле, тој тогаш без збор ве загледува со еден таков страшен, ужасен поглед што е потежок од секоја казна. Без збор ќе ве грабне за шија и ќе ве влече кон подрумот.
Во домот имаше повеќе непријатни места, такви места кои, ако можете, поубаво би било да ги заобиколите. Но подрумот беше нешто друго, подрумот никој не знаеше што беше, никој не знаеше што се крие во подрумот. Никој дотогаш немаше ѕирнато во тој дел од домот, ѕвонарот беше потполн, целосен и единствен господар на подрумот. Клучот му висеше околу гуша како крст. А тоа веќе беше доволно за да го почувствувате стравот во сета своја тежина. Другарот Анески беше роден за тоа, беше работилница за страв. Проклет да бидам, Кејтен така го викаше, работилница за страв. Можеби поради тоа татенцето, и не само татенцето, туку целата управа, толку многу полагаше на ѕвонарот при воспоставувањето на редот. Во тој поглед ѕвонарот беше господ. Се колнам, господ. Лудаци. Проклети лудаци, со ѕид во очите. Слепи.
Еден ден, сепак, тоа будалиште беше добар. Прогледа. Проклет да бидам, прогледа. Беше добар како јагне. Тоа беше негов ден. Празнуваше полуде од среќа. А имаше и причина, вистинска причина. Тоа што тој успеа да го постигне во однос на редот беше на таков степен што предизвикуваше општо одушевување. Тоа што векови ги мачело умните, длабоки луѓе, самосвеста, човечноста, една таква дисциплина, нашиот ѕвонар успеа да го постигне во текот на една година. Проклет да бидам, слепи.
Денот беше многу бурен. Саноќ дуваше силен, дождлив ветар. Од брегот доаѓаа ужасни, претсмртни крикови на птици. Н`е разбудија тие вознемирени, страшни гласови. Никој во спалните не спиеше. Се чинеше божем бурата влегла во домот. Кејтен, кој сигурно пред сите ја чул бурата, уште со првиот звук, веќе беше излезен од спалната. Креветчето му беше празно.