Выбрать главу

— Каде е Кејтен? — праша едно од децата. — Кејтен го нема!

Тојчас влезе Кејтен изврнат како лилјак. Очевидно беше среќен, лицето му светеше. Децата веднаш испоскокаа од креветите. Знаеја дека Кејтен нешто видел. Беше ангелосан, необично, тивко, среќно се смешкаше.

— Кажи што има таму? — го прашавме — Од каде доаѓа овој ветар?

Но неговата среќа бргу згасна. Со своите слаби, проѕирни раце еднаш, двапати си го позабриша воденото лице и, се чини, на тој начин си ја одзеде сета убавина што ја донесе однадвор, пак тоа лице стана грдо, неубаво. Туѓо. Проклет да бидам, туѓо. Домците почнаа да се туркаат околу високото, неубаво дете, Методија Гришкоски, едно момче од управата, потсилен од неколкуте свои другари, се дрзна да го бутне отпозади, бараше кавга.

— Мудрецу, невидлива сило, што виде, кажи ни? Го виде ли твојот ѓавол, го виде ли водниот дух, таков беше, сила? Личеше ли на тебе, а? — в очи му фрлаше тешки навреди и, охрабрен од Кејтеновата мирност, уште повеќе почна да го дрпа.

— Остави го, продадена душо! — викав, викаа и другите деца, собата личеше на лудница.

За чудо, овојпат Кејтен остана сосема мирен, како воопшто да не го интересираше она наоколу. Личеше на човек — патник што наминал само така, случајно, кратко, што брзаше, што многу брзаше на својот пат. Истиот час како сениште пролета низ спалната, излезе. Тогаш, како глупави овци, децата јурнаа по него… Беше се искачил на бината во дворот, го ловеше дождот. Проклет да бидам, го ловеше дождот. Тоа беше прекрасен, пролетен дожд. Светол.

И изутрина. Ден. Меѓу два големи облака, распукнати, мало, тенко, слабо зраче болскаше со нова, убава светлост. Никој веќе не посака да се врати во смрдливите, отровни спални. Се колнам, просто така се случи.

Ова утро немаше потреба од ѕвоно, ние сите до еден бевме во дворот. Ѕвонарот ги отфрли очите, ќе му паднеа како отпуштени петлици, си го протри челото, целата снага сигурно му гореше, мајко моја, тој не веруваше. Почна да трча од одделение до одделение, да душка како загар, проклет да бидам, како загар, да се загледува во секое лице со таков израз како да препрашува: — Ти, скоте, тука ли си, во стројот! Каде си!? — и на крајот, откога беше сосема сигурен, тој излуде од среќа. Проклет да бидам, го фрли камбанчето од своите раце и преку глава истрча во управата за да ја соопшти радосната вест. Можете само да претпоставите како одекна новоста во управата. Татенцето не успеал барем да си ги закопча панталоните, ги држеше в раце и така одеше од одделение до одделение, со оној ист ведар израз што пред малку се читаше на ѕвонаревото лице. Скастреното мустаче на татенцето му светна, му се позлати. Значи, на крајот успеавме, така значи, на крај краишта, им намигна на сонливите воспитувачи. Овие пак како воопшто да не беа среќни, очигледно с`е уште беа во сон, им се спиеше. Малку им беше криво што беа пробудени предвреме, се колнам, да ги оставеше човек така, на нозе, ќе преспиеја уште неколку векови. Единствено и тогаш и подоцна, како и за целиот свој живот што остана будна, и, се разбира, како секогаш закопчана одгоре додолу, тоа беше другарката Оливера Срезоска, нашиот помошник-управител. Очигледно таа не беше премногу израдувана, нешто како да ја гризеше црвец.

Сепак, невозможно беше човек да остане мирен гледајќи го ѕвонарот. Кутриот човек! Случајот сосема го стопи, го погоди в срце. Му светнаа очите, проклет да бидам, во ова суштество ти имало и топла солза. Никогаш да не поверува човек, во неговото срце имало место и за ветар и за други такви лудории. Јас сега верувам, проклет да бидам, во секое човечко срце мора да има понекоја топла капка пролетен дожд колку и да е тоа тврдо, обвиено со мраз. Јас тоа го видов со свои очи и верувам во тоа како во чист ден, се колнам.

Тоа утро изгреа и сонце. Можеби и тоа разбрало за нашиот празник, околискиот веќе беше запознат, бараше реферат, како искуство да се искористи; татенцето најпосле си ги закопча панталоните (малку се сврти настрана и си ги закопча). Вчас ги пуштивме знамињата, ја уредивме бината, тоа го направивме за минутка. Однекаде се најде и цвеќе, дојдоа и другарите, референтот за спорт и култура другарот Дервутоски, референтот за општи работи другарот Вецески, другарот Елимоски, другарот Лажоски, направивме еден митинг во чест на другарот Анески, нашиот Ѕвонар. Проклет да бидам, митинг. Мајко моја, овој за час беше паметен, се пробуди. Сите ние видовме, очите му станаа така други, н`е гледаше толку добро, мило, толку нежно. Проклет да бидам, тој миг го напушти лудилото и тој се загледа во нас со светли, човечки очи. Му се стопи каменот во градите, се стопи како капка пролетна роса при допир со силниот зрак, едно топло пламенче како златен пајак му лазеше по измаченото и несреќно лице. Се колнам, за цело време тој не го слушаше говорот, аплаузите и сите други брливи работи што го заслепуваат човека, со жедни очи гледаше само во нас, во секое дете. Кутриот човек, одвај да го распознаеш ѕвонарот-тиранин, невозможно, се колнам, во тој миг секое детско срце беше со него, се молеше за неговиот беден живот. Тој го виде тоа и не можеше да го издржи. Немаше веќе никаква сила во себе, несреќникот.

— Тој умира, — ми рече Кејтеновиот син, — тој пцовисува како бесно куче.

— Молчи, — го помолив, — тој е сам. Тој е со нас, пријателе.

— О, кутрото човече што си мислеше многу високо летнало, — рече Кејтен со горчлива насмевка, — ете, сега тој пропаѓа во темна бездна од која веќе никогаш нема да излезе.

Ѕвонарот тој ден конечно сосема полуде. Неизлечиво. Со денови не можеше ниту да јаде, ниту да спие. Одеше од дете на дете и туку те гледа со оној вкочанет, бел поглед. Потоа пак ќе го прифатеа и ќе почнеше да бега, да се крие, да плаче, да вреска, се валкаше поземи, со глава удираше по ѕидот. За да не се мачи толку многу, го врзавме со јаже и го оставивме така врзан, помирно да умре. Гледавме како умира. Проклет да бидам, ами не се умирало така бргу и по желба.

Умре во обичен ден. Рано изутрина, пред да го нападнат мувите. Се колнам, тој ги победи мувите.

По смртта на ѕвонарот, домот повторно потона во онаа позната глувост. Стравот повоторно се насели во секое катче. Еден друг страв. Никој веќе не го спомнуваше Сентерлевиот рид, како снегда паднал на него, како сонцето да умрело. Во тие нерадосни денови се изгуби и гласот на Големата вода, с`е се испусти, добриот сон некаде неповратно излета. С`е мирисаше на смрт, се чинеше лош дух живее во домот. Повеќето деца, особено оние што знаеја нешто за страшниот дух, ужасно беа исплашени. Се будеа во најглува ноќ, од сонот и, како некој да ги прогонува, бегаа, се искриваа ио домот. Бараа начин, пат да се ослободат од тоа проклето место, да избегаат од студената сенка на ѕидот. Не, такво место немаше. Од сите страни бевме прописно, сигурно заградени. Ако сепак на крајот тоа успееја да го разберат, ако успееја да се ослободат од кошмарноста, с`е среќно се завршуваше. Тие потоа освестени, столчени се враќаа во своите постелчиња, но сепак здрави и живи, цели. Но ако сонот ги подржеше малку подолго, тогаш тие беа спремни за најбезумни дела. Во еден таков миг, малиот Климоски, едно мирно како бубалка момче, децата и така го викаа Климоски Будалката, толку многу излуде што успеал да скокне дури до врвот на ѕидот, да се обеси со дланките на срчите и тука да остане како во стапица. Изутрината го најдовме како се прпелка крвав и избезумен, уловен.

Видовме, уште голем и мачен пат не чекаше до Сентерлевиот рид. Проклет да бидам цел век сиот живот. Проклет да бидам, сиот живот.

Стрижењето, разделбата со Кејтеновиот син

Општата нечистотија, сиромаштијата во која тонеше домот најпосле го направи своето. Вошките за кратко време се намножија по домот. Од спалните до кујната. И вошките беа гладни. Во прво време немавме никаква надеж. Децата како засечени стебленца бргу почнаа да венат, одвај се движеа по двориштето. Нозете ни беа тешки и одвај ги влечкавме, од глава до петици бевме полни со вошки. Н`е јадеа и преку ден и преку ноќ. Проклет да бидам, непрестајно. Се изгуби секаков сон во домот.

Првпат се случи и храна да ни престане. Бевме сити. Проклет да бидам, сити. Веќе никој немаше мир во домот, дури и управата отворено ја покажуваше својата загриженост и голем страв. Сите се исплашија од вошките. Тие проклети, се чини, никого не почитаа, не знаеја за редот во домот. Колкупати и на татенцето некоја крупна, голема колку една петлица туку ќе му светнеше на лицето. Светулка. Колку да им беше непријатно и на нашите учители и на нашите воспитувачи, колку да беа смели луѓе, во духот на времето, прекалени, храбри луѓе, самопрегорни, не можеа толку лесно и на крај да излезат со вошките. Потоа веќе тие го пуштија фронтот, што се вели, не се бранеа толку многу, како да е нормална работа, бесрамно се раслекуваа пред очите на сите деца и долго, до крв се чешаа насекаде по телото. А и вошките пак што беше најлошото, имале грд обичај без малку се впикувале во секое делче од човековото тело. Лепчето што го држиш в раце чиниш и тоа е полно со тие црни бубалчиња. Чешањето ни стана како некоја фискултура. Проклет да бидам, крв. Единствено другарката Оливера Срезоска не си дозволи таква слабост, за цело време си остана закопчана, цврста, во редот, во стројот, иако и таа кутрата изгледаше мошне измачена и бледа.