Выбрать главу

Сигурно долго време му требало на Кејтеновиот син за да ме изнајде меѓу стрижените глувци. Очигледно, дури и тој не можеше да ги сокрие возбудата и тагата, да не се заниша кога ме виде првиот пат. Господе боже, лазев крај ѕидот како некоја гуштеричка, малечка, црна. Без команда се оддели од своето одделение и летна кон мене. Проклет да бидам летна. Јас бегав, се криев, влегував во ѕидот за да не ме види, за да не го гледам. Мајко моја, колку беше тоа ужасно да се гледа. Кога најпосле ме одлепи од ѕидот, проклет да бидам, ако можев јас сосема ќе влезев во тој ѕид, сам ќе се соѕидав, кога ме виде таков, ја пушти онаа негова весела, голема насмевка и рече:

— Биди човек, малечок Леме! Биди човек, другар! Косата бргу нараснува, ќе видиш, косата веднаш нараснува, мило мое, — и тогаш нежно, многу внимателно со своите ковчести раце ја зеде мојата глава во себе и најнежно, најмило ме бакна по чело. Ме боцна со своите испрчени, горни заби. Проклет да бидам, се стресов. Кутриот мој другар, се колнам како изгорен потоа бргу се тргна. Ме загледа долго, о тој негов поглед! Проклет да бидам, не веруваше видов солза во неговите очи. Првпат да заплаче Кејтеновиот син, никако не сакаше да верува, не, не, не! Во часот, како некој да го прободе во срцето, испушти најсилен, најужасен крик.

— О, мајко! Мајчице мила, изгорев! Умрев, — рече и избезумено почна да бега, горе, долу, насекаде низ домот.

Момчињата, како гладна, подивена сурија, го гонеа, трчаа по него, весело викајќи:

— Ура, ура!

Оттогаш поминаа многу векови, најпосле излеговме и од домот, доживеавме и посреќни и погорчливи часови, но тие неколку неразбирливи мигови, во моето младо и неопитно срце засекогаш останаа како најлош сон. Секогаш кога ќе видам изулавени птици, раскрвавени луѓе, спржена вода, пожари, испустени полиња, мртви напуштени села, пусти, глуви патишта, бела, кратка секавица, знак за суша, редици луѓе, строј, проклет да бидам, мислам, во тој час некој се дели, човек од човека. Проклет да бидам, го слушам тој крик.

— Кејтен, — скокнувам од најдлабок сон, одам како избезумен, го барам. — Кејтен, — тоа е мојот крик. Проклет да бидам, како безумно, како лудо се делиме, се губиме. Одам и само едно прашање како молња штрека во мојата душа, — како и каде да го најдам сега?

Сентерлевиот рид се покажа бел на другата страна од Големата вода. Од онаа страна на водата од каде што ветрот доаѓаше со светол сјај. Сигурно таму се раѓаше сонцето. За да се дојде до Сентерлевиот рид требаше да се измине целата вода. Многумина од децата веќе страсно се подготвуваа за еден ваков поход, низ водата. Иако безумна, сета таа работа се покажа мошне привлечна, со денови се подготвувавме за еден таков пат. Проклет да бидам, ние верувавме во една таква можност. Во една таква можност да се стигне до Сентерлевиот рид. Се разбира, тоа беше само еден можен план да се стигне до саканиот рид. Сета таа работа потоа остана само во пусти планови, беше тоа едно прописно разочарување. Истата пролет, некои деца од домот „Напредок“, од некој сличен дом, што успеале да избегаат, кога стигнаа во градот и кога чуле за нашиот дом, без премислување летнале да се вратат. Сета таа братија беше за плачење, на човека му идеше и срамно и гнасно да ги гледа несреќниците. Секој од нив не беше јаден по неколку дена, лошо спани, криејќи се по плевни и бавчи, поцрнети одумора и глад, личеа на претепани ајванчиња. Тие веќе воопшто не можеа да мислат, да гледаат, беа изгубени до немајкаде, заслепени. Се покажа дека било најубаво во домот. Можете ли да доживеете поголемо разочарување, поголема несреќа од таа што ја гледате и слушате одустата на вашите браќа кои исто така со денови, со ноќи, со векови се подготвувале за бегство. Се плашам воопшто да не не постои тој толку примамлив рид.

Таткото Лентеноски или пустињак на годишните времиња

Во домот најмалку трипати во месецот доаѓаа одговорни другари, добротвори, благородни луѓе, граѓани, татковци, мајки во потрага по своите деца, задолжени активисти, предавачи, артистички трупи, поети, морнари, секакви гомнари, потоа некои си другар и другарка Лажоски, маж и жена или брат и сестра, чудовишта, инспектори по здравје и хигиена, едни вечно гладни луѓишта. Проклет да бидам, со товари пред нив мораа да редат кога ручаа. Добро, нека јадат, не ми беше за храната, сите крадеа. И воспитувачи и учители, од ред. Ги замразив, и тоа од с`е повеќе во домот, поради нивната крајна нечувствителност, лицемерност, несовесност. Проклет да бидам, за нив само едно како да беше важно — чинијата, да се треска, постојано да се треска. На дело, што се вели, ги замразивме. На најприроден начин, проклет да бидам, една таква омраза. Тие колку да беа умни и учени, колку илјадипати подобро да ги знаеја новите закони и по нив најправедно да се однесуваа, во тоа не можеа да имаат право по никој закон. Проклет да бидам, во кој закон може да се предвиди таков црн параграф воспитувачите на најдрзок, најгруб начин да поткрадуваат од бедното следување што му припаѓа на едно дете? Отворено и бесрамно ни кусеа од лебот; го однесуваа во своите чанти. Зар во нивните големи чанти, проклет да бидам, носеа некакви книги, наука. Нели такво нешто прават подлеци, кој се осмелува од гладни деца да скуси, од нивниот касај да дрпне? Какви луѓе можеа тие да бидат, какво е нивното поведение? Проклет да бидам, поведение. Како можеше тогаш таквиот нешто убаво да ти всади во душата, со унија да ти сипат од таквата наука — ништо не се задржува в глава, од едно ти влегло, од друго ти излегло. Не ти е умот во неговите можеби поучителни, корисни зборови, не оти го слушаш тој час, ти просто го гледаш како те краде, како лакомо с`е слади, следи. Таму ти е сиот ум, — тој ти вели, сонце, зрак, или ангел, враг, а ти си мислиш, пекол, мрак, арамија, подлец, крадец, од тебе ќе учам ука, така не било, ако сакал цел живот неук и слеп да останам. Проклет да бидам, тоа беше во нашите мисли. Сеедно ги гледавме како јадат; па се случуваше и кога ќе се проѕеваа да им речеме, — На здравје, крв да ви се стори! Или, — Благопријатно, големи успеси, да ви се плодат! Колку да си неразумен и неук, чувствуваш нешто неправедно, тиранско. Душата ти ја украле, чиниш, во неа ја забодиле својата ненаситна муцка. О, тие луѓишта, хигиенисти! Се колнам, сите извештаи од ред беа со иста содржина. Состојбата одлична, особено во третото тримесечје подобрена, стоотстотна. Семејството Лажоски како фабриканти се однесуваа, туку исфрлаа извештаи, шупливи макарони. Проклет да бидам, на сите сектори лагата цутеше како пиреј. Се колнам, стоотстотна лага. Подоцна многумина со тој касмет си прибавија одлични карактеристики. Проклет да бидам, се издделија како нешто особено.

Морам да признаам, од сите што навраќаа во домот по каква било работа денес уште за стариот Лентеноски можам да си спомнам живо, со радост. Проклет да бидам, со неизмерна радост. Секојдневно тој доаѓаше во домот и со своето како глувче подвижно коњче на малечка двоколка ни носеше леб. С`е уште среќно си спомнувам за тоа прекрасно старче и за оној црн леб донесен во двоколката. Но тука имаше и нешто друго, пред стрикото Лентеноски татенцето како да ја немаше онаа страшна сила и суровост. Колкупати во својата најлуда, безумна постапка ќе се запреше кога ќе го чуеше слаткото ѕвонење на копитцата од коњчето по калдрмчето, кога ќе го чуеше веселиот, потпевен глас на стрикото Лентеноски. Тој на чуден начин му го скротуваше бесот, од грубиот човек завчас правеше добар, од поулавениот — благоразумно суштество. Стрикото Лентен беше единствениот обичен, незначителен човек што имаше таква сила над татенцето. Токму тоа, таква голема, чудесна моќ да го запре во најголемиот бес.

Најчудно беше што тој одвреме навреме туку ќе ја дувнеше некаде, ќе се изгубеше. Го немаше со денови, со месеци, понекогаш помислувавме дека веќе никогаш нема да се врати. Каде одеше, зошто толку се кршеше, никој не знаеше. Еден господ, што се вели, и неговата слаба душа тоа го знаеја. Но точно кога мислевме оти повеќе нема да се врати, тој одеднаш, сосема ненадејно, туку ќе се јавеше, како да изникнал од правта. Туку некоја рана изутрина ќе ве пробуди она слатко ѕвонкање на коњчето, тоа негово непрестајно весело мрморење, потпевнување. И преку ѕидот да беше ние веќе го гледавме како доаѓа, проклет да бидам, како некој голем маршал. О, стриче Лентен, сонот ви се позлатил. Се вратил стрикото Лентеноски, слушате како говорат децата и сите како под команда тојчас ќе летнат кон влезната врата за да го пречекаат.