— Ќе бидете затворени во подрумот, — избезумуваше Оливера Срезоска, помошник-управителот.
Не стана никој, сите бевме сити. Како слепи, како земени потоа кој каде му гледаа очите тргнавме низ двориштето, низ спалните. Место не н`е земаше, де се качувавме во собите, де излегувавме, се колнам, патувавме со тој човек.
Уште истата ноќ стриче Лентен се изгуби. Беше доцна лето, можеби есен, се селеа птиците, никој точно не знаеше. Се колнам, сите деца беа со стрикото Лентеноски, од с`е најмногу сакавме да се врати. Уште еднаш да се врати заедно со својот син и, ако сака, потоа никогаш повеќе нека не доаѓа во домот. Проклет да бидам, секоја изутрина разбуди се и туку гледаш сите деца како зајаци ги начулиле ушите, се вратил ли стриче Лентен, — ќе го чуете доаѓањето на количето и нешто ве подмамува, мислите пак се вратил, без душа се стрчувате во двориштето. Голи, боси. Одвај срцето издржува додека не се отвори таа проклета врата, иако знаете дека не е тој, чекате. Тоа потраја неколку векови.
Зимата на 15 февруари тој се врати. Тоа беше изутрина, бевме во строј. Ја пеевме химната. Проклет да бидам, химната. Но кога низ вратата тивко, како глувче се мушна стриче Лентен, кога ја видовме неговата подгрбавена, смалена фигура, сите како под команда занемевме. Тој како да сакаше да се одмори, малку се позадржа крај вратата. Тогаш едно од децата, едно мало ѓаволче како стрела излета од стројот и како давено од некого очајнички крикна:
— Татко Лентен! — проклет да бидам, со сета сила му се висна околу вратот, — татко Лентен, мрмореше, знаев оти ќе се вратиш, непрестајно мрмореше, знаев, ти си мојот татко!
— Сине, синко мој, мило мое, — го зеде чичко Лентен и, веќе не изустувајќи ниеден друг збор, полека, полека како крадец ја шмугна зад врата.
Татенцето Аритон Јаковлески, како ништо да не се случило, ни даде знак да продолжиме со пеењето на химната. Проклет да бидам, првпат ја запеавме од с`е срце, првпат со љубов. О, требаше да го видите Кејтеновиот син. Тој толку беше занесен, отпатуван, што не забележал дека завршивме со пеењето, дека знамето веќе се вееше. Тој во својот занес продолжи да пее. Проклет да бидам, тој пееше.
Чудно, невистинито, магично звучеше неговиот слаб, зарипнат глас. Проклет да бидам, кога се пее химната мирно се стои, Кејтен пееше слободно, среќно пееше, а ние сите стоевме мирно, во строј. Сигурно не н`е видел, сигурно беше на едно од оние негови таинствени, големи скитничења… О, голема, о, слободна водо! Срцето кликаше од радост.
Суша. Сушата траеше неколку векови. Проклет да бидам, сета земја се исуши. Се колнам, с`е изгоре. Додека траеше сушата, се наоколу беше немо, не се движеше. Сонцето беше погодено в срце, се топеше. Крвавеше. Секој ден гледавме како сонцето умира. Проклет да бидам, сонцето умираше. Што ќе биде ако сонцето умре, вакви глупави мисли ни се родија. Ако сонцето умре, нели на земјата ќе се спушти тежок, вечен мрак, — ќе умрат и дрвјата и убавите треви и, сигурно, не ќе се видува кога птиците ќе летаат, кога бистрите води ќе течат. С`е ќе се претвори во мраз, дрвјата, тревите, билките, водите, воздухот што го дишиме, а можеби и самото сонце. О, боже, колку се исплашивме! Има ли мајка сонцето, прашаше некое брливо детенце, сакаше да знае дали сонцето има мајка. С`е на светов има мајка, ни рече мајка Верна Јаковлеска, и сонцето има мајка. Сигурно, проклет да бидам, с`е има мајка. Токму така, тоа е најубаво нешто, мајка. Но таквото прикажување не му се допадна на татенцето Аритон Јаковлевски. Слушај, бабичке, `и рече строго, одвај задржувајќи се да не избувне, — немој светештва да ми шириш, знаеш со светците сме начисто. Проклет да бидам, начисто. Потоа старичката без збор се прибра во своето сопче и долго не се појави. Сушата траеше сто, илјада векови. Не ги видовме ниту Сентерлевиот рид, ниту Големата вода. С`е бегаше, исчезнуваше. Сигурно затоа владееше толкава глувост, се плашевме. Проклет да бидам, сигурно тоа беше страв.
Расказ за Оливера Срезоска и девојките, случајот со гаќичките
Поодамна сакав да ви раскажам за другарката Оливера Срезоска, нашиот помошник-управител на домот. Сигурно тоа ќе беше по ред, тоа на крајот таа го заслужуваше, — но вие ќе разберете дека човек понекогаш сака да избега од редот. Токму тоа, да избега, од редот. Токму тоа, да избега, да избега, се колнам. А и кој не се чуваше, кој не бегаше од другарката Оливера Срезоска?
Чудно беше тоа суштество, имаше женско име, а со сигурност може да се каже дека ништо убаво, нежно не извираше од него. Знаеше до бесконечност да измислува, да спроведува, да исполнува, да реализира акции. Проклет да бидам, токму тоа, — акции. Поправо, како умееше таа да измислува, тоа беше нешто особено, спец. Неретко името `и се спомнуваше по рефератите, ѕидните весници и локалниот печат. Другарката Оливера Срезоска се истакнуваше како пример за бескласното општество, се колнам. Токму така, пример за бескласното општество.
Девојките пред неа се тресеа како лист на гранка. Проклет да бидам, како лист на гранка. Ако таа им речеше да лазат, тие без збор ќе легнеа наземи и ќе правеа така како што им беше заповедано. Просто така, како ќе заповедаше другарката Оливера Срезоска. Таа беше мајстор за казни, тоа мораме да го признаеме. Не, секакви казни, евтини, обични, веќе не ја задоволуваа. Сега и таа сфати — не вредеше човек да си ги валка рацете со ситни и безначајни работи. Другарката Оливера Срезоска или ќе спроведеше некоја значајна акција, или ќе треснеше. Во сето тоа другарката Оливера бараше содржина, смисла. Нејзината жештина беше толку голема, а во исто време и толку ниска, мала, толку гнасна, што не можеше тукутака, просто, едноставно да се погодува. Таа како вешт мајстор ги ткаеше работите, таа искрено се внесуваше, со сета своја душа. Проклет да бидам, веруваше. Само за првите неколку месеци изведе шест такви акции, од кои две со сигурност ќе останат во историјата на домот.
Првиот случај беше со гаќичките. Имаше другарката Оливера Срезовска едни црвени, крос-гаќички. По фотографиите со ликот на генералисимусот, гаќичките `и беа нешто најсвето во нејзиниот живот. Проклет да бидам, најсвето. Добро си спомнувам, за црвените гаќи на Оливера Срезоска се говореше со почит, со општествено, политичко и морално уважените — (Сигурно, такво нешто не може да се замисли за обичните). Тоа беа спортски гаќички што ги добила од комитетот за фискултура и култура, како победник во есенскиот крос по повод ослободувањето на градот. Ете, `и беа мил спомен. Се знаеше, ги облекуваше само за државните празници и тогаш, о боже, одеше малку поинаку одошто обично. Изгледаше некако во занес, како малку внатре да `и беа. Проклет да бидам, оддалеку можеше да се распознае дека тој ден сигурно е некој значаен празник. Но штом ќе минеше свеченоста, се колнам, таа уште истиот час ги слекуваше и веднаш ги оставаше малку на сонце за да се проветрат. Тоа добро, природно. Сигурно затоа и толку избезуме тој пат, поштукна. Проклет да бидам, токму по еден таков празничен ден другарката Оливера Срезоска остана без своите најмили гаќички. Проклет да бидам, без своите црвени гаќи. (Подобро целата да сте ја слекле, душата да сте `и ја зеле.) Господе, колку беше избезумена, ’ржеше. Мислевме дека тој ден на некого му е пишано, некого сосе партали ќе го изеде.