Выбрать главу

Без збор сите `и се тргнавме од патот, како сенки се прилепивме на ѕидот. Сите бевме крај ѕидот, машко, женско. Проклет да бидам, стравот беше голем. Без команда н`е построи погледот на другарката Оливера Срезоска. Чиниш проклетиот ѕид го држиме да не падне. Како никогаш дотогаш, беше пусто и бездушно во целиот дом. Единствено што можеше да се види во дворот беше она дрво располовено од гром и несреќната, темната Оливера Срезоска. Беше длабоко, најдлабоко боцната во своето срце, отруена. Слатко во златно лажиче да `и понудевте, во тој миг ќе одбиеше, с`е, с`е и беше отров. Тоа дрво и Оливера Срезоска, — никој и ништо повеќе како да немаше наоколу. Две куси, осакатени сенки среде домската пустош ја измеруваа својата ништожност. Тешко беше да се погоди дали дрвото или другарката Оливера беше понесреќна.

Тој час на исчекување траеше цел век. Гаќи, можеби ќе речете, но за некого тоа беше живот. Проклет да бидам, живот. Најпосле, ја измолкна свирката од градите, даде знак да се постројат девојките. Чинам, с`е уште го слушам тој отсечен писок на свирката. Проклет да бидам, како да го располови целиот дом. Сите деца.

Кутрите наши девојки. Тие пак, можеби повеќето одеа и сосема голи под грубите, штофени фустани. Проклет да бидам, одеа сосема природно. А ако некоја имаше слични работи, тие и беа толку многу износени што веќе сигурно беа отворени на средината. Проклет да бидам, од каде гаќички за девојките! А скоро сите беа во тие години, само што запупулеле. Кога поседнуваа наземи, мораа цврсто да си ги стиснат колениците за да не се оддадат. Којзнае колку им беше тешко на нашите девојки, на тие малечки пупки што токму заврзале. Искрено речено, девојките беа и единствената убост во домот. Секој ден, секој час тие с`е повеќе го разубавуваа животот наоколу, — туку гледаш како цвеќе никнато од под камен ќе те изненадат за чудно чудо. Чудесно ќе те изненадат, ќе ти го изнаполнат срцето со топол ветар и веќе си сосема друг — гледаш само убави работи. На некоја, ете, устата `и станала блага, мека, чиниш `и тече мед, друга те изненадила со долг и светол поглед, мил, срцето да ти го стопли, чиниш над главата ти се отворило небото, виножито, те гали, о боже, трета пак срамежливо ведне глава кон земјата, се срамува, кротко, како јагне, гледаш `и се позашилиле градите. Проклет да бидам, сето тоа толку убаво, чудесно се покажуваше во таа пустелија, како чисто зрно се делеше од општиот живот. Нашите девојки потсеќаа на нешто најчисто, најубаво, на цвеќенце што расцутува, на нежно, тенко тревче што се вее на благиот пролетен ветар, потсеќаа на с`е добро што може да посака срцето. Проклет да бидам, на знакот од Оливера Срезоска, без збор се стрчаа која пред која, нешто да не закаснат. Сплеткани, неми веднаш застанаа во строј. Проклет да бидам, неми.

Чекаа. Оливера Срезоска с`е уште вртеше околу дрвото, ја мереше, ја премеруваше својата сенка. Најпосле, некако совладувајќи се, низ заби процеди, рече:

— Кој го направи тоа, девојки? — праша страшно, ужасно. Проклет да бидам, тоа така го рече што човек мораше да `и верува дека пати, дека многу, премногу пати, оти и крвави срцето.

Девојките молчеа како кипови, залиени. Проклет да бидам, залиени.

— Кој го направи тоа гнасно дело, девојчиња? — повтори гледајќи од една до друга, редум.

Девојките молкум ги веднеа главите. Ниедна од девојките не крена глава.

— Уште подобро, — рече другарката Оливера Срезоска, — казната ќе биде двојна ако не се признае. Напред, — потоа заповедаше, ги спроведе во спалната.

Претресот траеше неколку векови. Проклет да бидам, неколку векови. Извиде с`е што можеше да се види, ги преврти сите кревети, откорна с`е што се корнеше. Откако н`е најде ништо, ја фати уште поголем бес, заповеда налево круг, во мијалницата. Сите девојки ги напика во мијалницата и им нареди да се слечат до гола кожа. Мајко моја, да се слечат до кожа. Мијалницата беше една неподнослива земјаница, жива мразарница. И лете и зиме тука беше мраз. Никој не можеше подолго да остане во мијалницата а да не се навлече некоја лоша болест. Тоа беше едно од најпроклетите места во целиот дом.

Проклет да бидам, девојките послушно ја извршија задачата. А Оливера Срезоска без збор ги собра алиштата и се оддалечи оставајќи ги под клуч.

— Штом ќе одлучите, решите да признаете, — им рече, — ќе бидете слободни.

Потоа сосема мирно, очевидно поуспокоена, го заврти еднаш, двапати, до трипати клучот во бравата.

Сигурно ќе речете невозможно, можеби и ќе се смеете, понекогаш и самиот помислувам, и сигурно тоа не се случува само со мене, мислам тоа е сон, некој грд, нестварен сон, привидување. Но вие морате да верувате, се колнам, зар не се случија толку невозможни работи, зар верувавме, пријателе?

Сите од ред тој ден како залепени останавме на ѕидот, како да го делевме мразот што го глодаше срцето на нашите девојки. Господе, како боцкаше, како болеше, како беше сето тоа незамисливо, незамислено, невозможно. Некои уште истата пролет прокашлаа крв. Вера Николоска, Босилка Кочоска — Балеринчето, Крстинка Китаноска, Даница Стојаноска — Артивчето, Родна Трендафилоска… Проклет да бидам, уште веднаш беа испратени во диспанзерот за градни болести.

Каде се сега тие, нашите девојки, нашата убост, нивните светли погледи, убави, мили очи, нивните малечки гради, — што е со сите нас, каде сме, каде сме сите ние, дали е ова сон или јаве? Проклет да бидам, што се случило со Големата вода?

Подоцна некој ги пронајде и гаќите. Во кујната ги употребиле за мивки…

Вториот случај беше нешто од поопшт карактер и сета таа работа не се заврши само со внатрешни, домски мерки. Проклет да бидам, се прошири и на политички план. А во почетокот ни беше врашки смешно, весело. Проклет да бидам, весело. Се шегачевме царски, ама беше смешно, ама беше весело, луѓе! Некој убавец, којзнае како се мушнал во собичката кај другарката Оливера Срезоска и ете ти циркус, просто-напросто на генералимусот му ја бојадисал со бела боја левата страна од мустаќот, му ставил и некои други знаци на лицето. Господе боже, колку многу овој случај го погоди младото и чисто срце на другарката Оливера Срезоска. Замислете си, тоа нејзе да `и се случи, на нејзиниот љубен, на нејзиниот сакан, мил, најмил, светол, најсветол лик. Проклет да бидам, само да ја видевте однекаде, само да ја слушневте. Се чинеше дека `и умрел татко, нешто најмило, таков еден крик излезе од нејзините гради. Крикна и од возбуда, како покосена, истиот час падна на душеме. Проклет да бидам, никој не знаеше што се случува; се правевме на удрени. А те боли, кучко една, си говореа децата меѓу себе, тихо. Таа како заклано пиле се фрлаше на душемето. Проклет да бидам, одвај со вода и шеќерче ја повратија. Нејзиниот млад живот беше на конец, се исплаши и татенцето, се колнам, со најнежен глас ја храбреше, ја будеше. `И дувкаше во лицето, мило `и говореше:

— Другарке Оливера Срезоска, — со толку милозлив и добродушен глас ја довикуваше, — крени глава душичке, шепнеше, не жалости го општото дело, не умирај, не умирај, мила другарке, не попуштај во цветот и летото на твојата младост, не жалости го општото дело, како секојпат прибери сила, стани смело, — проклет да бидам, пропеа татенцето, се отвори, просто како поет говореше, низ песна.

— Пробуди се, разбуди се, другарке Оливера Срезоска, сестро наша, — ја будеа и кутрите девојки со солзи во очите, о, проклет да бидам, тие вистински се расплакаа, од срце се молеа за здравјето на Оливера Срезоска. — Разбуди се, разбуди се, другарке Оливера Срезоска, многу тешко, многу мачно ќе ни биде без тебе, — се кршеа кутрите девојки.

Тој плач, се чини, најпосле ја пробуди. `И се отвори левото око, страшно, крваво, промрморе:

— Злочин! Злосторство! — повторно крикна и пак се изгуби. Очигледно, возбудувањето не `и чинеше добро. Проклет да бидам, неколку векови остана така во матно, во занес, туку се будеше, туку се губеше, бладаше. Еднаш дури и запеа, така во сонот, проклет да бидам, голема беше нејзината мака, душата ја болеше.

Случајот, како што потоа се покажа потоа, бил навистина многу сложен, многу сериозен, дури тенок, деликатен. Не, не беше во прашање само еден млад човечки живот, — самото дело, проклет да бидам, самото дело беше тешко над триста тони. Испитувањето траеше деноноќно, — еден по еден не повикуваа во управителовата канцеларија. Проклет да бидам, еден по еден, сите по ред. Без разлика, почнувајќи од нас домците до персоналците и управа сосе учителите и воспитувачите. Тука веќе немаше каде, и тие го изгубија сонот, — доволно беше на нас да падне сомнежот, на некој глупав начин да сте го навлекле на себе или некој само со прсте да поткажал на вас, о мајко моја! Сите, сите треска ги тресеше, од првиот до последниот човек во домот тие денови беше болен.