Выбрать главу

Испитувањето за нас домците течеше во неколку фази. Најпрвин како ништо, се колнам, н`е тераа да ја раскажеме биографијата на Јосиф Висарионович Сталин. Каде се родил, кога, од каква мајка, од каков татко, — се разбира, од семејството на бедни родители, селани, работници, уште во младоста го почувствувал тешкиот живот, неправдата, црната експлоатација… Основно училиште завршил со одличен успех во родното селце, учел и истовремено во сите работи им помагал на сиромашките родители. Уште во раното детство се одликувал со трудољубивост, човекољубивост, и големо другарство. Послабите ученици ги поучувал во читање и правење слободни состави, книгата била неговиот најмил другар. Меѓу врсниците се делел со големата мудрост, необична за неговите млади години, скромност, повлеченост, човечност, со еден збор — бил вистинска слика на својот поробен, несреќен народ. Но жедта за слободен живот во него била поголема од сите други желби, слободата уште од најраните години била втисната во неговото срце. Таму негде, во цветната, раскошна земја, пасејќи ги коњите среде бескрајните полиња… Често, среде игра со своите врсници, во најголемиот занес ќе застанел и, како вкопан, се загледувал во сонцето што заоѓа. Проклет да бидам, како вкопан. Особено го привлекувале тешките, крвави облаци на вечерното небо…

Морам малку да се пофалам, се колнам, другарот Аритон Јаковлески, а не и само тој, сите членови, дури и самите иследници, беа задоволни од моите одговори, ме слушаа со отворена уста. И откога завршив, тие некое време останаа така здрвени, со отворени усти. Ме гледаа со мили, благодарни очи, како да велеа: — Благодариме, Леме, да си живо, да си здраво, умно момче, секогаш среќа да те следи во животот, голем човек да станеш, најголем! Признавам тој час и моето срце не беше многу мирно, ме опфати силна возбуда, никако не можев да го совладам, бев присилен да викнам: — Да живее! — и некои други големи работи. Проклет да бидам, малку ми олесна, ме понапушти стравот. Сметав дека го исполнив својот долг. Испитувачите тогаш искрено ми честитаа, ми подадоа рака, проклет да бидам, се поздравивме.

— Мило ми е, Леме, — рече татенцето и ми подаде рака, ме уништи.

Одговорив, повеќе од возбуда отколку од учтивост. — Исто така, татенце.

На ова тој ми рече: — Викај ме другар, мило момче. А сега збогум, н`е чека голема работа, уште ќе поразговаравме за твојата иднина. И, се колнам, лично ми ја отвори вратата, се најдов на слобода.

Стресените деца во салончето што чекаа на ред зинаа од чудо, им замрзнаа малите, рибји очи. Никој не знаеше што се случило. Проклет да бидам, колку што можев повнимателно му намигнав на Кејтен, тоа беше нашето помирување. О, боже, кога ме виде тој таков меур, надуен, преправач, најголем преправач, штурец, лажливец, непромислено прсна во смеа. Тој знаеше, с`е знаеше, проклет да бидам. Ела сега запрете го Кејтеновиот син да не се смее!

Само што, затворената врата зад мене веднаш брзо се отвори. Повторно се појави татенцето, блед како крпа, без капка крв во лицето, одвај процеди:

— Се смееше, Кејтен, нешто ти е смешно, скоте! Влези!

Видов, се колнам, влезе с`е така засмеан. Кој можеше сега да го запре Кејтеновиот син да не се смее, проклет да бидам, ќе се смее како ѓаволот, сто векови.

— Кејтенов сине, — му заповедаа, — престани да се смееш!

— Зошто се смееш, што има смешно?

— Ништо, ништо, чесен збор, — говореше Кејтен, — а од него потекнуваше уште поголема смеа.

— Исак Кејтен, заврзи ја таа твоја гадна муцка, — му рече Оливера Срезоска избезумена, — заврзи ја проклетнику!

— Не можам, — искрено одговори Кејтеновиот син, да умрам не можам, Оливера Срезоска. — Само уште малку потоа додаде.

Но тогаш Кејтен на масата имаше прилика и лично да го види побелениот мустаќ на Јосиф и дури сега ништо не можеше да го запре. Се смееше со сето свое срце. Се смееше како господ, проклет да бидам, како господ. Тоа веќе другарката Оливера Срезоска не можеше да го издржи, и така живците, нервите `и беа искинати, за никаде. Смеата на Кејтеновиот син ја боцна најдлабоко во срцето. На сета мака што ја претрга, проклет да бидам, ова `и беше врв.

— Престани ненароден елемент, — изусти другарката Оливера Срезоска, господе, ечеше целиот дом, — престани проклет скоте, скоте, скоте! Злочинец! Злосторник!

Кејтеновиот син само што сакаше да престане со смеата, само што му дотекуваше. Но, кога погледна во заѕвереното лице на Оливера Срезоска, тој повторно се провитка, не сакајќи, лудо, смеата сама му дојде. Оливера Срезоска сега не издржа. Со тоа што `и беше в раце го нападна, со перодршката со која ги бележеше нашите одговори. Проклет да бидам, со перодршката. По лице, по очи. Го бодеше неговото лице, неговите раце што се обидоа да си ги заштитат очите.

— Мајко моја, — рече Кејтеновиот син бранејќи си ги само очите, — мајко, моја, останав без очи… — рече и му секна смеата.

Го изведоа со крваво лице, избоден.

— Мајко моја, — сеедно повтораше Кејтеновиот син, како да не веруваше што се случило, како да не знаеше каде се наоѓа.

Со група од неколку сомнителни момчиња го затворија во подрумот.

— Тој е, само тој е и никој друг, — доаѓаше гласот на Оливера Срезоска, таа с`е уште не можеше да се смири.

Јас ниту тогаш, ниту подоцна не можев да замразам човек. Бев слаб и често со глава удирав во ѕидот, неретко поради тоа крвавев, но никогаш во себе не носев злоба, таква одвратна тежина. Можев да му простам на секого и за се, с`е колнам. Но Оливера Срезоска, нашиот помошник-управител на домот, првпат не знаев како да ја гледам.

— Кејтен, пријателе, го барав насекаде, го немаше, — Кејтен, чинам реков на глас, но луѓето ракоплескаа. И ракоплескаа на Оливера Срезоска. Проклет да бидам, Кејтен! — јас викнав, но никој не го чу мојот глас. Глуви, глуви луѓе. Проклет да бидам, смртно ме исплаши таа глувост.

Водата веќе беше влезена во мене, се колнам, таа беше голема, најголема. Во првиот миг така неочекувано најдувајќи се повторно слободен, крај брегот, слушајќи го нејзиниот глас, не гледајќи на брановите како избезумен, поитав кон Неа. Проклет да бидам, не чувствувајќи како ми бега земјата, како навлегувам во нешто страшно, длабоко, неповратно. Не го почув тој глас што ме враќаше: — Будалче, несреќно дете, каде си пошол, ќе те однесат брановите, ќе те проголта водата. Врати се, врати се, будалче! Ќе се каеш, целиот живот ќе се каеш, твојот детински ум те носи во уште поголемо зло, несреќно дете, малечок Леме! Еден друг глас во мене шепнеше: — А како ќе живееш без Неа, без место Леме, ќе бидеш слеп, сакат, несреќен. Не ќе има место на земјава за тебе, ниту едно местенце, сеедно ќе те прогонуваат, непрестајно како некое мало, исфрлено кученце. Оди, оди! — О, мојот слаб, детински ум, мојата болна, неизлечлива душа, — првпат се најдов пред таква незамислива, темна пропаст. Својот спас, својот беден живот му го должам само на еден човек, златниот човек, несреќниот Трифун Трифуноски. Проклет да бидам, некој мораше да умре.

Како се раѓаа, како умираа песните

Кејтен е под клуч. Проклет да бидам, под клуч. Само таа мисла беше во мене, Кејтен е во подрумот. Се плашев ако нешто веднаш не сторам дека ќе умре, не ќе го преживее тоа мојот пријател. Постоеше само една желба, да му се помогне, да му се врати слободата. Проклет да бидам, слободата. Се колнам, друг лек не постоеше за Кејтеновото срце.

Последното вечерно ѕвоно го објавуваше часот за спиење. Само што беа згаснати малкуте светилки во домот, сите гласови молкнаа. Беше глуво, пусто, темница. Сонот никако не доаѓаше, бев во треска, во бунило, позаспивав и како штрекнат се будев, ме будеше некој непознат глас, ме довикуваше да станам! Послушав, тоа беше гласот на Големата вода. Проклет да бидам, по толку векови се јави гласот на Големага вода. Таа непрестајно шумеше, бучеше, фрлаше силни бранови, ечеше сиот брег. Силни бранови почнаа да ме заплискуваат, да го носат моето бедно креветче, над мојата глава летаа изулавени птици. Проклет да бидам, каква страшна болест беше ти бил сонот, најголема.