Выбрать главу

— Збогум, мили братучетки!

— Збогум, Леме! Збогум, убав братучед Леме!

— Збогум!

— Никогаш да не се вратиш, да даде господ! — не издржа доброто вујне, за добар пат, на третиот чекор ме благослови. Проклет да бидам, благослов.

Појдов не сосема тажен, појдов со некаква чудна, непозната среќа, целиот пат до Баска го минав среќно. Се колнам, болскотеше пролетното сонце, на снегот уште појасно, уште посилно. Ох, каква убавина, виделина се ширеше насекаде наоколу, се топеше снегот, минејќи низ полето нешто топло како струичка влегуваше во мене, некоја чудна, убава треска ме тресеше. Проклет да бидам, тоа беше во Баска, не се заборава. Тука од сите краишта н`е собираа, црни, страшни детишта. Тука ми го натоварија, точно тоа сакав и да ви раскажам.

Под стража го донесоа во Баска. Тоа беше едно дете сениште од мои години, но испадна, излезе само така личел, имал три-четиринаесет. Тоа беше едно грдо, едно најгрдо детиште, високо, слабо, свиткано како врбова прачка, со искривени раменици, па потоа тие негови чудни, ококорени очи, како тие да не знаеја за сон, да се склопат. Беше бос, црн, парталав и не знам зошто насмеан. Проклет да бидам, ми намигна, туку ми чкрапна со око, чинев секавица ме погоди. — Некој удрен, помислив, а тој тогаш на глас се засмеа, како да ги разбра моите мисли. Проклет да бидам, разбра. Потоа се загледа во празно небо, некаде далеку, не обраќаше никакво внимание на тоа што се зборуваше за него. Проклет да бидам, тој час тој не беше тука, беше отпатуван. Потоа видов колку многу тој патуваше, се колнам. Се стресов кога другарката Оливера Срезоска, воспитувач и помошник-управител во домот, го залепи за мене. Мојата проклета карактеристика, сакав да `и речам, тоа не е моја, таа карактеристика е на мојот татко, но таа кратко и суво ме пресече.

— Леме, ова недобро момче ќе биде со тебе во стројот, — рече. — Ти ке ми одговараш за него, Леме. Запомни!

И овој збор одговараш ми беше нов, не го знаев. Сигурно требаше да ми рече — ако ти избега Леме, како куче ќе те претепам, ќе пцоисаш. Проклет да бидам, што можев јас кога имав таков бесрамен дедо и ме учеше се некои такви страшни, срамни работи. Овој збор во почетокот на ништо не ме потсеќаваше или, ако ме потсети, тоа пак беше нешто грдо, кучешко и не за спомнување.

Најголем впечаток ми направи тоа негово безмерно лутање, како да беше птица. Во таков еден час неговото неубаво лице како да стануваше друго, убаво. Проклет да бидам, целото негово суштество се изменуваше, од него тогаш како да зрачеше некоја таинствена, непозната, незабележна светлост. Првпат видена, се колнам. Стариот Вердев можеше да `и плукне на својата физика, проклет да бидам, таа светлост ја немаше во науката. Беше тоа некоја луда, голема среќа. Така ми се причини во часот гледајќи го заитан по патот, дувнат. Проклет да бидам, тој како да не беше во стројот, како да не одеше по тој грутчест, трапчест, полски пат. Се колнам, тој како да не беше на земјата. Леташе, божем целото поле, целиот простор беше негов. Проклет да бидам, тој беше далеку од тоа пусто, кално поле, далеку од црната колона несреќни, кротки како јагниња деца.

Оливера Срезоска особено на него се навраќаше, друг некој да направеше прекршок а таа нему му се развикуваше:

— Зошто се нишаш кога одиш?

или:

— Не мавтај со рацете, оди мирно!

или пак:

— Што си ја кренал главата толку високо! Зошто се смееш, кому се смееш, парталко низаеден! Види се каков си, наведни ја главата, престани да се смееш!

Тогаш, првпат ни се сретнаа погледите. Ме погледна кратко, со весела насмевка, како да рече: — Будалче, што си се стресол, од оваа лајава тетка си се исплашил, охо! Тука сум јас, биди си без грижа! Проклет да бидам, се однесуваше како јас, а не тој да беше казнет.

Недоверливо, напорки го погледав. Веднаш ги разбра моите погледи и сега не се стрпи, рече:

— Ти си луд, другар. Тоа ти го помисли и ти си луд!

Ја рече вистината, проклет да бидам, тој како да беше во мене.

— Ајде, — рече потоа пријателски, со онаа иста, глупава насмевка, — ајде, малечок, не биди дете! Јас ги знам таквите кученца како тебе, само лаат! И во истиот час толку силно, толку незапирливо за нешто се раскикоте. Проклет да бидам, ништо не можеше да го запре. Ќе се смее неколку векови, помислив, ќе се смее до последната капка. Се колнам, тој беше еден таков голем, страшен смејач.

— Зошто се смееш? — го прашав.

Мислев дека не ме чул, но се излажав. Веднаш кога навлеговме во градините, ненадејно тој застана и со рака ми покажа кон сонцето што зајдуваше, рече:

— Ене, таа е таму, водата. Големата вода! Ене ја, гледај! Што, зар не ми веруваш, другар? — праша навреден и се закикоте. — Па ајде гледај, ќораво пиле, отвори ги очите, погледај ене таму, онаму каде што свети како оган, ене…

Сето тоа го рече со една таква голема возбуда, радост што беше неможно да не му се верува. Проклет да бидам, тој ја виде, веќе ја имаше во своите очи. Беше проклето, нечовечки да не му се верува. Секој негов збор како да беше силно, бело боринче. Одеднаш тој во мене распали еден силен, дотогаш непознат оган за моето срце. Проклет да бидам, илјадапати можеби паднав и станав од патот. Гледав на таа страна каде што заоѓаше сонцето, ја барав Големата вода.

— Што да ти правам кога си слеп! — велеше смеејќи се, итајќи, весело мавтајќи со рацете ваму-таму, чиниш ќе летне.

По малку патување, пред нас се откри најубавата, најтаинствената слика на мојот живот. Големата вода! Огромна, чудесна, О, боже! Мил боже, не пречека со мајчински очи, со светол и благ поглед. Во мигот занемев, се колнам.

Децата како под команда застанаа.

— Доаѓа! — кликнаа децата како птици.

— Таа ќе дојде, — еден непознат глас ни се јави, една непозната жена сета во црно полека доаѓаше кон нас. Тоа беше мајка Верна Јаковлеска, добрата мајка Верна Јаковлеска.

Јас с`е уште ја гледам таа вода. Кејтеновиот сон, нашиот сон. Проклет да бидам, сиот наш сон. Крај водата можевме да пропатуваме уште толку дни и уште толку ноќи, можевме да одиме без прекин еден век. Цел еден век. Уморот, тешкиот пат, гладот и жедта што н`е следеа со часови додека н`е носеа во домот завчас исчезна, божем сета наша мака, несреќи ги стопи добрата душа на Големата вода. Снегот, планините, изгорените села, напуштените градини, пустите полиња, с`е остана некаде далеку, единствено во нас живееше Големата вода. Насекаде наоколу беше водата, проклет да бидам, Големата вода како нас да н`е чекаше. Се колнам, таа нас н`е препозна, таа нас тој час н`е препозна. Нејзиниот тивок глас како да ни зборуваше: — Одете, малечки мои, еве го патот, одете, не предавајте се! И ние одевме, чесен другарски збор, ние одевме. Се колнам и во другарката Оливера Срезовска, ние одевме.