Выбрать главу

Изутрината уште од темни зори почукав во собичката на Трифун Трифуноски. Тој исто така не спиеше, беше опфатен од благородниот дух и треска го тресеше, што се вели, тригодишна. Блед, испиен, силно возбуден, со двете раце силно притискајќи едно малечко листе, нешто на глас мрмореше, изговарајќи збор по збор. Рецитираше, твореше.

Благородниот Трифун Трифуноски (не, невозможно е да се воздржи човек), — тоа беше вистината, на масичката отворено лежеше цело сандаче (војничко куферче), — до врв полно со песни, романи, драми, со секакво творештво. О боже, о мил боже! Сигурно имаше нешто во таа изгорена душа кога толку неразумно, лудо се откажа од среќната, сигурна иднина што веќе му се насмевнуваше. Проклет да бидам, ги заборави победите, наградите, како и најласкавите пофалби да не го топлеа, одеднаш стана роб на нешто страшно. Проклет да бидам, роб. Тажно беше ова силно, убаво човечиште да се гледа во таква понижувачка состојба, — веднаш се покајав што дојдов толку рано. Тој човек, кој со леснина претрчуваше толку милиони километри, планини, реки, полиња, што како елен совладуваше големи трапишта со вода, кој на чудесен начин можеше да пролета низ кални, тешки патишта, низ трње, низ дождови, низ лапавици, со секавиците да се гони, беше жално, беше очајно да се гледа како се прпелка во малото, смрдливо сопче. Сета снага сега му беше попусто, нешто посилно го имаше сковано, уништено. Проклет да бидам, колку бргу, колку неочекувано с`е кај него се измени, колку наеднаш пропадна, ослабе, се стопи, сосема се запусте, личеше на некое големо рането птичиште на кое крилјата му клапнале, па челичните перје му се валкаат во блатото. Што можело толку многу да го изулави?

Требаше само да го видите пред некој празничен ден, на пример, пред први мај. Проклет да бидам, тогаш тој како да не беше на земјата, беше страшно да ве сретне неговиот поглед.

— Видете го Трифун Трифуноски, — ќе речеше некое од децата.

— Не будали се, — ќе му речеше друго, — истај му се од патот, измислува!

— Зар така по ветар, — велеше првото дете, — мене нешто како чукнат ми изгледа.

— Не е, — се вмешува трето во одбрана на Трифун Трифуноски, — ќе видиш, ќе чуеш на прославата.

— Ами камо му книга, — прашува детето, — зар така, само по ветар!

Проклет да бидам, по ветар. Тоа беше некој негов, некој чуден, непознат ветар. Ноќи и денови не преспиваше. Понекогаш со векови, се колнам. Туку го гледате со часови како вечна стража го заобиколува домот, нигде место не го бере. Можеше да се погоди грда, лоша пролет, со снег, со фуртуни, што мислите, зар тоа можеше да му го замати неговиот светол поглед, да го замрачи првомајското сонце? Проклет да бидам, како с`е да беше против Трифун Трифуноски, туку ќе се расипеше времето околу празникот. Паѓаа студени дождови, пластови снег, сега сета природа ја запустуваше неочекуваниот мраз. Сеедно, додека другите ги обземаше бес, благородниот Трифун Трифуновски потонат во својот волшебен свет блажено, со среќа твореше. Проклет да бидам, како да не беше тука, како да живееше во друг свет. С`е кај него беше поинаку, небото беше чисто, сино, високо, бескрајно, весели птички летаа, црвени знамиња се виореа, срп и чекан цутеше на секој ѕид, црвени ѕвезди, медузи, мекотели, пролетери од сите земји, тојчас тој беше со нив, чекореше. Проклет да бидам, чекореше. Што оти свиреше северниот ветар, Трифун Трифуноски ја слушаше Интернационалата, со еден таков дух беше задоен, твореше. Проклет да бидам, никој таква треска не предизвикуваше кај децата како Трифун Трифуноски кога ќе се качеше на бината, кога ќе почнеше да рецитира од своите песни. Во него с`е кликташе, пееше. Сите со занес, зинати го слушавме, секој негов збор лакомо го голтавме.

Ете зошто толку рано побрзав кај Трифун Трифуноски, што порано сакав да му ја откријам својата голема тајна. Своето срце. Проклет да бидам, сето срце. Тоа што се роди во мене таа ноќ беше нешто најсветло, најубаво. Ниедна ѕвезда, ниедно сонце толку не беше светло. Со озарено лице застанав пред Трифун Трифуноски, победоносно. Веднаш штом ме виде, со еден поглед погоди. Рече:

— Што гледам, малечок Леме, си пропеал! Се обложувам дека ти дошло славејчето!

(Проклет да бидам, славејче). Колку можев помирно, благо му одговорив:

— Не беше славејче, — му реков и јас земен, однесен. Излуден.

— Ами што? — рече испитувачки гледајќи ме. — Седни, ми рече благо, понудувајќи ми го својот стол. За целото време очи не вадеше од мене, ме набљудуваше. — Што можело да биде тогаш, Леме? — внимателно праша, малку околу, педагошки.

— Вода беше, директно му одговорив, улави птици, место не ме зема, Трифун Трифуноски!

— Чудно, — рече, — ајде читај, да го чуеме тој твој чуден состав, Леме.

Благодарам, Трифун Трифуноски, сакав да му речам, но немав време, не смеев ни секунда да губам, секој миг беше пресуден за Кејтеновиот живот. Веднаш, без точки, без запирки, без никаква интерпункција почнав да читам, запалив како од митралез. Проклет да бидам, јас пеев, плачев, се смеев, лазев, летав, паѓав, умирав, оживував, голтав вода, тонев, се губев. Бев на небото, со ѕвездите, во светлите градини на рајот, паѓав во најдлабокото, во најтемниот пекол. На пример, кога требаше да се рече ох, ох, мајко моја, ох, пријателе мој, ох живот, ох птици, ох водо, ох доме, ох, ох, ох, — тоа значеше како некој, ох, некој одзади да ви удрил нож. Ох, нож. Природно, штом некој во срцето ви забуцал нож, не ќе пеете, туку ќе припаднете, ќе пропискате. Проклет да бидам, офкав на сиот глас.

— Смири се, Леме, смири се, кутро момче, — преплашен, многу загрижен велеше Трифун Трифуноски, но кое срце да се смири, кој ќе ти запре таков пустошен, лош ветар.

— Ох, ослепувам, — имаше на едно место во составот и јас, шутракот, толку природно сум ги превртел очите, белките да ми ги исполнат очните дупки, та кутриот Трифун Трифуноски да ти помисли оти е свршено со мојот вид. Тажно рече:

— Несреќно мое момче, сега слепо, куцо ќе ми одиш цел век! — па потоа со најголеми навреди `и се нафрли на проклетата муза. — Проклета да си, црна богињо, срам да ти биде, слабото, несилно врапченце што си го зела на нишан, што твоите смртоносни стрели, отровни, титански си ги пуштила во малечките, слаби гради. Еве ме, Купидоне, еве ме, црна музо, јас сиот ти стојам на располагање, удри на мене, бори се со мене, се саможртвува Трифун Трифуноски.

Но со тие зборови тој како да ми помогна, проклет да бидам, дури тогаш потече, во мене, река. Го говорев и тоа што беше напишано и тоа што никогаш не ми паднало дотогаш на памет.

— Ох, молчи, молчи, брану див, кажи во овој случај кој е прав, кој е крив, — и, се разбира, во часот стивна бранот, настана една долга пауза, крајбрежните води тивко шумолеа, божем, го предеа платното на вистината, бело, а отровот, невистината се претвораше во малечки, црни меурчиња што ништожно умираа на брегот. — Умрете, умрете, бев немилостив, овој оган, ова срце што се пали, проклет да бидам, еден ден бел-сив, ќе се види кој е прав, кој е крив!

По моето рецитирање, како голем камен да падна од душата на Трифун Трифуноски.

— Како ти е сега, Леме, — ме праша издивнувајќи, — се смири ли малку, срце мило?

— Да, — реков, — сега ми е полесно, Трифун Трифуноски.

— Да му благодариме на бога, — рече, — то ест, како ми ти се очињата?

Признавам, малку поразмислив на ова прашање, не го разбрав, но се надевам дадов доста правилен одговор. Му одговорив гледајќи го ококоравено:

— Пак ќе го гледаат сонцето, Трифун Трифуноски!

— Се радувам Леме, — рече искрено израдуван, — се виде беше среќен, — многу ми е радосно срцево што се врати твојот вид, момче, а сега ајде да проанализираме малку, Леме.