— Ех, писание!
Проклет да бидам, тоа до првиот грст земја, а потоа истите тие дрдорковци почнуваат веднаш на глас да се потсмеваат, па не ќе забораваат да речат:
— Па, најпосле, му дојде крајот!
— Жими бога, веќе беше ред. Од него немаше живот!
— Да, да! Сега сме спасени, свршена работа, нека му е лесна земјата.
— Бог да го прости, ама си го барaше! Си заслужи еден ваков крај, беше голем неранимајко, непокорен, тврда глава, секогаш нешто важен, горд, одвисоко. Во него живееше нешто ѓаволскo, лошо. Таков беше тој, таков страшен! Лоша крв, нечиста.
— Ами ако оживи, — некој поприбрано, идиотски расудуваше, — тогаш како под команда молкнуваат сите гласови.
Се чекаше на домскиот лекар, стриче Силе Николоски. Тој ќе ја прекине неизвесноста. Набргу пристигна и стриче Силе Николоски. Беше дремлив, од кревет го кренале, по влечки дојде, бос, така како што се затекол. Само што мигнал малку, нешто главата го болела, пред еден ден имал тешка операција во болницата и од тоа уште не можеше да се ослободи. Некому морал да му го вади душникот (млад човек, богати, роса), — немало друго чаре, во душникот му влегла круша. — Како лечиме, велеше, по педесеттина години, кога ќе видат, ќе речат кланица, касапи. — Проклет да бидам, касапи. Беше под силен впечаток на случајот. Тоа очигледно многу го имаше погодено, само се туфкаше. И секогаш по една таква возбуда, кај него брзо навираа други чувства, се пренесуваше во војната. Случајот го поврзуваше со слични такви случаи од борбата и беше невозможно тогаш да го запреш, пациентот нека си умре тој ќе раскаже за с`е, во подробности за тие страшни фуртуни од војната.
— О, мили деца, бидете среќни што заврши таа проклета војна! Таму како се колеше, пилиња мои! Касапница, касапница! Еднаш тоа беше во Сливово, во партизанската болница, еднаш на Славеј, еднаш во Егејска Македонија, по Богомила. Ех, мили деца! Ви велам, што беше тоа една касапница… Ранениците беа качени на магариња, сме залутале, се најдовме на едно ритче, пустите магариња се излизгаа од ритчето, зимно време, мраз, на глава на шија се истркалаа луѓето во едно долиште. Ех, ех! Истрајте, другари, им вели другарот Марко, вашите имиња со златни букви ќе бидат испишани во историјата, да живее слободата, да живее револуцијата! О, мили деца! Немаше друг спас, операција на самото место, земи го секирчето, Силјане Николовски, ми заповеда другарот Марко, ајде, што ме гледаш! Ајде, спасувај ги луѓето!
(Можеби тоа беа нашите татковци. Проклет да бидам, нашите татковци.)
Во таков час, кога ќе ги сретнеше нашите погледи стриче Силе Николоски, проклет да бидам, дури тогаш ќе се сепнеше. Ќе ја нишнеше главата и како ништо, со насмевка ќе речеше:
— Приказни, приказни, мили мои! Не слушајте го будалата, — велеше со најголема навреда за себе и дури тогаш се враќаше на случајот. Сонлив, земен, потресен мрмореше: — А што е со тој ѓавол, што голтнало момченцево?
Господе, се стресов. Ако го грабна сега за душникот, помислив, кутриот Кејтен, кутриот мој пријател. Проклет да бидам, какви силни, здрави раце имаше стриче Силе Николоски. Доволно беше само еднаш-двапати да те допрат тие раце каде што ти е болното место, и веднаш да оздравиш. Ковчињата ќе ти ги намекне, како со најубав иљач да те лекувал. Понекогаш стриче Силе Николоски се користеше и за други работи, но тоа не беше негова вина. На разните служби понекогаш им помагаше на свој начин, што се вели, лечеше од око. Се уште си спомнувам како едни од постарите домци ги однесоа. Проклет да бидам, на каков начин. Беше организиран општ преглед, одоко, и стриче Силе Николоски од момче на момче се задржа на несреќникот, ќе му рече:
— Море момченце, ти нешто многу лошо ми изгледаш. Имаш црно под очите, ајде ти в болница за да видиме што е работата, како е, да не е нешто заразно, опасно. Да испитаме, пиленце.
Потоа веќе знаевме, тешко тој што ќе биде приведен в болница. За него веќе нема враќање назад. Кутрите никако не се даваа, до последната капка сила се бореа, викаа:
— Не давајте н`е, браќа! Не!
Во тој миг само едно на бога му се молев, господ дух на стриче Силе Николоски, Кејтен да не го однесат в болница. Кога го свртија на лице Кејтеновиот син, ги видовме неговите ококоравени очи, силно стиснати усти, пенливи. Со крвца.
— Па тој тргнал веќе, бог да го прости, — рече стриче Силе Николоски, — ставете го в креветче, свршено е со него!
— Ами некаков иљач да му се даде? — рече татенцето, се колнам, токму така рече, иљач.
— Ами што иљач, Аритоне Јаковлески, — рече стриче Силе, — попусто ќе ги трошиме апчињата, свршено е со него, брате. Како ќе го спасуваш ако е од нагаз или магија или ако некој дух го јавнал! Не, не ќе оди за долго, Аритоне Јаковлески. Ноќва, силата до изутрина, гледај го, коска и кожа, ќе му се распадне целото телце, ковче по ковче, ќе се срони во него секое ковче, таква е болеста. Веќе ако се случи некое чудо па да преживее, ама тогаш тоа ќе биде ужасна слика. За изложба, Аритоне Јаковлески. Подобро да си ги собере парталите, час побргу. (Мислеше на душата, проклет да бидам, Кејтеновата душа). Ако понекој случај пак остане жив, ќе биде слеп, можеби глув, глуп, а ти гарантирам со глава дека ќе онеме! Проклет да бидам, ќе онеме, така рече стриче Силе Николоски.
Сепак, во тоа најцрно претскажување на нашиот домски лекар се криеше мојата и Кејтеновата најголема надеж. Знаевме, проклет да бидам, сите веќе знаевме, од искуство, штом стриче Силе некого ќе отпише од животот, чекај си нешто најубаво, тој ќе ти живее потоа уште сто години. Се колнам, ако стриче Силе Николоски лошо ти ја претскажеше работата, не плаши му се, биди си стоотстотно сигурен, ќе даде бог, ќе помине. Да се плашиш друго да ти рече, здравје тогаш станување. Во таа смисла стриче Силе Николоски дотогаш не се помнеше да погрешил, тоа беше најголемата надеж.
— Ќе оздрави, ќе оздрави! — бев пресреќен, проклет да бидам, изулавев од среќа, викнав: — Ќе оздрави!
И татенцето, а и другите од управата се направија дека не ме чуле, без збор поминаа преку овој мој луд испад.
Кејтеновата болест сосема ме зароби. Не ги видов ниту пролетта, ниту летото, ниту зимата кога дошле. Чинам заедничка беше таа болест. Проклет да бидам, заедничка. Очевидно, некоја лоша, страшна треска, страв, ја изгоре неговата душа. Целото лице, глава, раце, нозе, насекаде по телцето му беа исфрлени темни, црни, малечки болчиња. Толку векови не го отвори своето светло око. Лежеше во сон, во некој чуден, долг сон. Проклет да бидам, илјада векови траеше неговата болест.
Спасот дојде од друга страна, неочекувано. Во домот живееше едно благо, незаменливо суштество, Аритоновата жена, Верна Јаковлеска. Неа човек ретко можеше да ја види надвор од својата собичка во која живееше затворено, тихо. Едни говореа дека старицата не е сосема при себе, побунета е малку, татенцето ја држи под клуч. Во војната `и го стрелале синот единец, значи — татенцето имал син. Проклет да бидам, син. Измислуваа и други нешта, но никој не беше `и го видел лицето одблиску, таа живееше како лилјак, како ноќна птица. Долго време дури и не се знаеше за нејзиното присуство во домот, како да не живееше меѓу нас, меѓу луѓе. Првпат ја видовме онаа ноќ крај водата, тогаш таа ми се причини нестварна, сенка, дух. Сега таа одеднаш, неочекувано се појави во нашата спална. Беше вечерен час за легнување, само што ги разместувавме ќебенцата на креветчињата. Кога ненадејно се појави на вратата од нашата спална, ние сите, од ред останавме како заковани на своите места. Сигурно се исплашивме од нејзината неочекувана посета, нејзината страшна појава. Така како што работевме останавме наместо замрзнати, рацете ни се пресекоа, со неми очи се загледавме во оваа необична црна жена. Сета беше во црно. Проклет да бидам, црно. Н`е потсеќаше на нешто страшно, на смртта што ја видовме во дворот. Гледајќи ја нашата збунетост, таа исто така еден час остана нерешителна на прагот од вратата, во часот како да се премислуваше. Но потоа како да се досети за нешто многу важно бргу-бргу тргна кон Кејтеновиот кревет. На крајот од собата, во аголот. Проклет да бидам, знаеше. Проклет да бидам, се спушти крај неговото постелче, видовме рака му стави на челото, нежно го помилува по осакатеното лице.