Выбрать главу

— Милото мое, — рече толку тивко, толку мило што нас како да н`е фати струја, во часот се ослободивме од вкоченоста, од страшниот мраз, видовме таа беше мајка, Кејтенова мајка. Проклет да бидам, наша мајка. Рацете `и беа благородни, очите благи и полни со сјај, гласот тивок и познат, мил, мајчински, го будеше: — Сине, мило сине, — му рече.

Проклет да бидам, веднаш го познавме тој глас. Тој беше во нас, ох, незаборавниот глас на нашите мајки. Тоа беше оној непознат глас што деноноќно ни се јавуваше, што н`е водеше кон Сентерлевиот рид. Ох, тој миг да можеше да се продолжи во вечност! Се молев, ако некогаш нешто ќе може да се задржи, тогаш нека биде тоа таа љубов на нашите мајки. О, боже, сето тоа колку беше убаво, страшно, вистинито, невистинито, единствено, блиско, болно. Проклет да бидам, мајка. По сонцето сигурно најсветла работа на светот се мајкините очи, нејзината безмерна љубов. О, таа единствена, незаменлива љубов, се колнам. Во страшниот сон ја чу, нејзиниот глас го пробуди, со изгорени усни, во сон, во магија, во занес рече:

— Мајко, мајчице мила!

Се колнам, тојчас засветка неговото болно око. Првпат тој ден во неговите очи видов светла капка, проклет да бидам, тој плачеше. Кејтеновиот син плачеше, плачеше на свој начин со светкавици во очите, како се што правеше на свој начин. Кејтен, другар, сакав да го прегрнам, никогаш да не го испуштам од моите прегратки. Сепак тој беше дете, исто како сите деца во домот. Се колнам, тој беше дете и покрај тоа што знаеше с`е и покрај тоа што можеше ѓаволски да измислува, и покрај тоа што можеше да се однесува како голем човек. Видов тој беше вистинско несреќно дете и во неговите гради тупкаше малечко, здробено срце. Проклет да бидам, сеедно говореше; повтораше, бладаше:

— Мајко, мајко, мајчице моја! — непрестајно ја бараше, видов, видов, проклет да бидам, на неговото лице повторно се јави онаа негова неизбришлива, голема смеа. Проклет да бидам, се смееше.

Луѓе, луѓе мои, што сум лудувал тој ден! Чинев сиот страв излегол од мене, насекаде наоколу гледав како заитала водата… Се колнам, една огромна вода, бескрајно голема надеж. Проклет да бидам, надеж.

Оние што на сиот глас се перчеа изигрувајќи среќни луѓе, беа најголемите лажговци. Еднаш имав прилика да видам еден таков делија на дело. Проклет да бидам, дотогаш тој толку многу беше приврзан за домот и управата. Тој ден, се колнам, само дел од секунда му требаше. Тоа беше квечерина, по вечера, го фрлавме ѓубрето, никаквецот беше раководител на хигиенското одделение. Проклет да бидам, сосема заборави на својата карактеристика. Овојпат токму се случи обратното, тој што беше одреден да н`е чува, да припазува на нас недобрите, ја дувна без збор. Такво улаво, безглаво бегање с`е уште не сум видел. Веројатно тоа ја вчудовиде и управата, сигурно никој не очекуваше едно такво одвратно лицемерство. За вистината, не оти некој пак да речеш премногу се возбуди, напротив, рекоа ништо, која мајка ќе оди, ќе се врати. Проклет да бидам, толку многу се молев за тој никаквец да не се врати. Наскоро почна општа ревизија во поглед на карактеристиките, едни се прогласуваа за застарени, неполни, се пишуваа нови. И беше право, не остана место за никаква доверба. Проклет да бидам, с`е требаше од почеток. Истите лаги, истите лошотилаци, истите понижувања, истите ништожности за да се дојде до подобра карактеристика. Со векови траеше тоа пишување и препишување на карактеристики. Оној несреќник навистина се врати, проклет да бидам, уште на другиот ден, изутрината.

Нешто за карактеристиките, нешто за драмите

Кејтеновиот син беше еден од оние мали бедници што во домот дојде без карактеристика, без никаков реверс. Проклет да бидам, реверс. Со него работата беше уште полоша затоа што и на самите часови по карактеристика се однесуваше сосема незаинтересирано. Проклет да бидам, Кејтеновиот син часовите по карактеристика никако не ги вареше. Му застануваа во грлото како тврд залак. Еднаш си дозволи дремката да го совлада на часот. Проклет да бидам, тој заспа. На секој друг час можеше човек и да си дозволи таков луксуз, воопшто не беше опасно на друг час малку да се поспие, дури се претпочиташе како нешто нормално, природно. Се случуваше да заспијат и нашите учители, човек, што се вели, заспал. На пример Метеорот, нашиот професор по географија, другарот Секуле, не еднаш, не двапати имаше заспано, среќа што не му ги бележевме деновите. Проклет да бидам, ќе се порасправавме малку околу Земјата и Сонцето, околу фактот дека Земјата се движи околу Сонцето или Сонцето околу Земјата (еднаш Земјата се движеше околу Сонцето, а другпат Сонцето околу Земјата), — и по една таква жестока препирка ќе си легнеше. Но најпрво отткога ќе измешавме с`е, откога целиот небески свод ќе го удревме наопаку, Метеорот помирливо ќе речеше: — Добро де, будалчиња едни, што сте запнале толку, што е тоа најважно, Сонцето или Земјата, Земјата или Сонцето, сеедно, важно да знаете дека се движат, важно нешто се движи, доволно е толку! Ќе речеше и ќе си прилегнеше; со еден збор објаснето беше с`е, умно. Проклет да бидам, умно. Еднаш заспа точно на Марс, проклет да бидам, во самото предавање за’рчка. Така занесено вареше, клокоти стриче Секуле, чиниш грнче со грав, толку беше занесно што н`е понесе и нас. Полека-лека си легнавме на клупите, си ги испруживме ножулињата од клупа до клупа. Сонот како кивавица се ширеше. Набргу сета училница предеше, во воздухот се слушаа секакви звуци, хорови, музики. Проклет да бидам, тоа ти беше оркестар, опера. Мирно си пловевме по добродушната планета Марс, ги освојувавме небото и сета природа.

Но тоа беше час по географија, природно. Ела на татенцето така да му заспиеш, на часот по карактеристика. Враг беше стариот, а и часовите тој умееше да ги направи богати, со содржина, многу интересни. Како тој знаеше да подбуцнува, да направи некоја сплетка! Проклет да бидам, потоа со векови ја отплеткувавме. Татенцето така мајсторски ќе ја извезеше сета работа, се колнам, потоа и самиот ѓавол беше втеран в шише. Најпосле, во тоа се криеше и самата смисла на предметот, се настојуваше што позамрсено да се изнесуваат работите, понејасно. Проклет да бидам, сплеткано. Никогаш човек не знаеше што и за кого се однесува случајот. Кој беше арамијата, а кој чесниот, кој грабеше, а кој чуваше? Ајде сега расплеткувајте, пронајдете ги главните лица, кои се, колку ги има, каде се и како се поврзале со нечесното дело. Проклет да бидам, вие можете со векови да мозгате и пак да останете на истото место, ни чекор напред. Се колнам, во најголемиот број примери тоа да ти биде истиот, тој што грабнал и тој што чувал. Проклет да бидам, истиот. Но дали е тој виновен, беше следното прашање на кое застануваме како пред ѕид.

— Да се растресе сиот негов живот, — ќе речеше татенцето и почнуваше да раскажува. Од под пазува му паѓаа ордени. — Што мислите сега, другарчиња, дали е виновен, — татенцето директно го поставуваше прашањето. Потоа ние редум, секој по своето знаење одговаравме.

— Да, бил виновен, таквиот човек со ордени.

— Не, не бил виновен, имал такви заслуги. Лесно е да плукнеш на човека. Тој се борел.

— Да, тие што се бореле се чесни.

— Се колнам, да!

— Не! — некое улаво детенце се спротивставува. — Не, — вели и не попушта, — ако сакате откорнете му го и јазичето, тоа пак ќе рече. — Не!

— Да!

— Не!

— Да!

— Не!

— Колку да?

— Колку не?

— Десет, петнаесет, дваесет — не.

Гледано по одговорите — тој човек излегуваше виновен. Татенцето незадоволно ја нишаше главата, воопшто беше незадоволен. — Главата како да ви е полна со песок, — велеше, — ништо не ви останува во неа, па потоа си го засукуваше мустаќот и неуморно почнуваше отпрвин. Но тоа беше само во пчетокот, потоа и каменот и дрвото ќе ја сфатеа вистината. Проклет да бидам, вистина. Подоцнежните одговори беа јасни, чисти. Мораме да признаеме, околу објаснувањето на сите тие прашања татенцето доста н`е испоти. — Треба уште, деноноќно да се работи, — велеше незадоволен сумирајќи ги резултатите. Ќе земеше воздух и почнуваше од самиот почеток. Нови примери истакнуваше, искажуваше, по втор, по трет, по тринаесетти пат ни ја изнесуваше биографијата на заблудениот другар, тој бил ангел, ние сме живееле во голема заблуда, слепци. Подобро на човека да му се поткасне јазикот отколу да живее во заблуда.