— Што мислите сега, пилчиња, — на крајот прашаше татенцето, — виновник ли е оној другар што грабел?
Првиот — н`е, тој што грабел не е никаков виновник.
Вториот — не, не е внновник, напротив, тој е чесен човек, мислам. (Проклет да бидам, малиот ѓавол мисли.)
Третиот — не, не!
Четвртиот — не, неговиот лик на борец, градител…
Петтиот — не, не, не…
Шестиот,
седмиот,
осмиот,
осумнаесеттиот,
сите — не, одговаравме во хор.
Како сега да ми е пред очи среќното, насмеано лице на татенцето. Сполај ти, господе, тој беше среќен, зошто, како, никогаш тоа не го разбрав. Важно беше едно:
— Сите не! Тоа е вистината, соколи, толку убаво сега сте навлегле во содржината, во идејата, — заклучуваше победоносно, гордо.
Можеби ќе беше подобро човек да можеше за с`е така да одговара. Не и точка. Проклет да бидам, не. Ѓавол да го носи срцето, тоа не разбираше секогаш, не беше послушно срцето, не можеше секогаш така да одговара. Тешко нему, тогаш с`е почнуваше од почеток, нека пукне срцето кога е улаво. Немаше веќе крај на сета таа работа, се колнам.
Сите тие часови со сета своја бесмисленост, со сета своја глупост, како отров дејствуваа врз нашите детски срца. Ние умиравме за една друга љубов, за еден друг збор, толку денови, ноќи, векови го баравме тој извор, а ваму со брливи работи ни ги полнеа главите. И колку тоа да беше смешно и невозможно и туѓо, набргу за голем дел од децата стана вистина. Најстрашното беше што ние почнавме да веруваме во таквите бесмислици. Проклет да бидам, бесмислица. А веднаш до нас беше една заборавена, спржена вода станавме глуви за гласот на Големата вода. Се колнам, го изгубивме патот кон Сентерлевиот рид. Проклет да бидам, векови живеевме со тие слепи нешта, темни. Мал беше бројот на оние деца што веруваа дека и луѓето што немаат карактеристика значат нешто; можеби и тие, ете, толку многу страдаат, исто толку љубат, исто толку се наши пријатели. Мајко моја, луѓето што немаат карактеристика или што им беше бележана беа наши непријатели. Проклет да бидам, непријатели. Во домот за еден од тие неранимајковци се броеше и Кејтеновиот син. Тој дојде без карактеристика, потоа и без неа си појде.
— Ништо, — велеше татенцето, — ние ќе ти створиме карактеристика, Кејтен! Магаре едно, мрзливец, за ништо неспособен, што, што си направил, бадијала го јадеш лебот, бездарник, — со најнавредливи зборови го удираше секој час, просто го газеше. Речиси немаше час да не го дигне од местото, да не го распрашува, да го тормози на секаков начин. С`е знаеше, татенцето го имаше земено на нишан и во овој случај ништо не можеше да му се приговори, проклет да бидам, сакаше да направи човек од Кејтеновиот син. Овој, пак, одговараше секогаш исто, со досада, се преѕеваше, најкратко што може, со половина збор, се служеше со кратеници, што потоа мораа да се толкуваат, намерно лошо, незаинтересирано. Понекогаш беше и пакосен и зол кон татенцето, се потсмеваше.
— Не разбирам, — говореше, — другар Аритон Јаковлески, — говореше, — не разбирам како таков човек може да си дозволи, Аритоне Јаковлески, а ако веќе ја пуштил раката…
— Тоа е пример, глупче!
Господе, како не можеше да го разбере тоа, сите се чудевме. Тогаш дури и јас го замразував, ми беше далечен, туѓ. Непријател, проклет да бидам, Кејтеновиот син ми беше непријател.
Во тие часови тој беше сосема сам, напуштен од сите. Човек без карактеристика, измачен од ужас. Од сите страни го удираа непријателски погледи, презир, злоба. Тој мораше сето тоа молчејќи, во себе да го поднесува. Мораше по стопати да стои на час во аголот, одделен, по казна. Не верувам нешто повеќе да го доболе во домот од тоа понижување што требаше да го поднесува на секој час по карактеристика.
Оној час кога заспа — чашата беше преполна. Конечно, сите бевме против него, немаше ни едно единствено срце на негова страна. Проклет да бидам, виде. Првпат, покорно, послушно ја наведна главата, како да не беше тој Кејтеновиот син. Проклет да бидам, какви луѓе требаше да израснеме ние, за какви луѓе н`е подготвуваа со огламник приврзани за карактеристиките, тоа еден господ го знаеше.
Потоа часот по карактеристика веќе изгуби дел од својата сила и неприкосновеност.
Борбата за нови карактеристики беше уште пожестока, помачна. Проклет да бидам, добивме толку многу карактеристики убивајќи толку многу човечко, летавме на пароли, стрелајќи во птиците. Неочекувано во сета таа игра се вмеша и Кејтеновиот син. Проклет да бидам, Кејтеновиот син карактеристика. Татенцето беше восхитено од Кејтеновото однесување, со право си припишуваше најголема заслуга. Не еднаш задоволно ќе ја нишнеше главата гледајќи во преродениот син, ќе речеше: — Така, соколе, да ми те видам во општиот строј! — Кејтеновиот син дури доживеа и пофалба, беше истакнат, се колнам, ликуваше.
Што се случува со него, што смислил, ме мачеше и дење и ноќе оваа мисла, никако не можеше да се дознае што им подготвува. Проклет да бидам, ако тој мируваше, ако беше стопен во општиот строј. Садеше тој некакви краставици за управата со поинакво семе, но тоа беше тешко да се открие.
Каде отиде Кејтеновиот син, мојот пријател, не еднаш потоа го барав. Се вратив на секое катче каде што можев да го најдам, но тој се губеше како с`е што почна да се губи на земјата. Повторно почнав со часови да го испитувам секој дел на ѕидиштето, тоа студенило што се всели во Кејтеновиот син и моето срце. Ја прислушкував Големата вода, го чекав нејзиниот глас.
С`е во домот како да беше мртво. Дури и во катчето за лов беше мртво. Никој веќе со никого не тргуваше, никој во никого не веруваше, ѕидот беше повисок отсекогаш. Проклет да бидам, с`е беше заградено со ѕид. Никој не знаеше каде отиде пријателството, погледите, човечката убавина, добрината, Големата вода, сонот, желбите. Сентерлевиот рид, птиците, сонцето, какво е ова време без ветар, без дожд, што не зашумат светлите води на пролетта, какво е ова суво, јалово време, овој голем снег што ни ги затвори патиштата, оваа темница низ која миневме како сенки, непознати, оваа отровна прав во очите, каде отиде таа златна светлост од окото на Кејтеновиот син, каква е оваа лага што н`е покорува, што н`е разделува? Тој се однесуваше како воопшто да не ме забележува, како воопшто да не го забележува ѕидот и с`е она што н`е опкружуваше во домот. Се преправаше како вистински да се препородил, како вистински да се нашол во рајот. Проклет да бидам, рај. На сиот глас можев да чујам како се дуе пред момчињата изигрувајќи среќен човек.
Јас знаев, се колнам, сите тие бесмислици тој не ги зборува напразно, тоа беше негова голема игра, најголема и не ми се допаѓаше. Се плашев за секој иден ден, треска ме тресеше од таквото однесување на големото препородено момчиште; јас со сигурност можев да претпоставам дека тој ѓаволски се преправа спремајќи се за иднината. Но каква можеше да биде неговата иднина, нашата иднина? Едно беше јасно, јасно како пролетно сонце, тоа со сигурност би била и последната казна за Кејтеновиот син. Би можеле да го убијат како мува, ме погоди таа мисла и јас занемев во часот. Господе боже, би можеле дури и самите деца да го убијат, за одмазда. Та колку тие се измачија борејќи се со него во с`е за да не изостанат! Се колнам, беше подобар и од оние со најдобри карактеристики, душата им ја извади. Да, тие би можеле да го убијат, ми светна, сигурно тие ќе го убијат. Во тоа тие беа повешти од него, мразници ми полазија по жилите, го изгубив сиот мир, сиот сон.
Методија Гришкоски и другите никогаш нема да му ја заборават претставата со ранетиот партизан, изведена по истоимената драма. Проклет да бидам, драма. Кејтен претставуваше партизан, заробеник, ранет борец, а Методија Гришкоски фашист, стражар на затвор. Методија Гришкоски, кој во с`е дотогаш беше прв и со најласкава карактеристика во друг случај да го убиеше не би прифатил таква улога, но сега тој се согласи од подла, гнасна побуда. Имаше тепање, улогата му даваше шанса пред сите на мртво да го претепа ранетиот партизан, Кејтеновиот син. Будалиштето уште пред тоа се остреше, се фалеше дека ќе му пушти масло на Кејтеновиот син. Немаше зошто да не му веруваме на кучето. Зар Кејтен ќе седи со скрстени раце, подбуцнуваа дури и тоа на драмата `и даваше особен уметнички интерес. Проклет да бидам, уметнички. Сите чекавме, сите бевме во треска, колку што се наближуваше денот — толку бевме понеспокојни. Оној фалбаџијата Методија Гришкоски, тој најголем подлизурко, најпосле на повеќето им беше дојден до нос. Проклет да бидам, тоа беше драма на живот и срмт. Колку ранети несреќни го очекуваа расплетот, се колнам, тој ден некој мораше да умре.