Выбрать главу

Влада Урошевнќ уште на почетокот на својот текст „Едно име: Живко Чинго“ го открива својот впечаток за прозата на овој автор: „Кога ги читаме расказите на Живко Чинго честопати имаме впечаток дека присуствуваме на усно раскажување. Понесеноста на раскажувањето, интонацијата на реченицата, текот на фабулата, сето тоа кај Чинго одекнува со акустиката на кажуваниот збор, н`е маѓепсува со својата говорна синтакса.“[1] Во својот поговор кон избраните раскази на Чинго, Петар Бошковски, доаѓајќи кон поентата на своето разгледување, го истакнува тој квалитет на прозата на Чинго: „Не знам колку може да важи за општо правило дека литературата треба да се чита на глас, но во случајот на прозата на Чинго таквиот начин на контактирање може да се земе како пример на совпадливост. Остварена како кажување, таа и како да бара да биде кажувана.“[2] Миодраг Друговац, посочувајќи одделни деловн од расказите на Чинго забележува: „…Чинго ја усвитува својата реченица, дијалогот му е мошне едноставен, занимлив и неверојатно непринуден, како изделкан во духот на народниот раскажувач…“[3] Милан Ѓурчинов ги открива кај Чинго белезите на начинот на раскажувањето во еден општ впечаток, кој е, сепак јасен и прецизен: „Од првите свои чекори, од првите прозни записи со кои стапи во нашата книжевност, младиот автор изградуваше некој чуден, само нему својствен начин на раскажувањето кој како да немаше многу заедничко со книжевниот професнонализам…“[4] Георги Старделов го формулира своето сознание начинот на кажувањето на Чннго, посочувајќи ни еден целосен паралелизам со народното творештво: „Првиот впечаток со кој се доживува прозата на Живко Чинго се наметнува низ сознанието со кое си го претставуваме нашиот модерен раскажувач низ ликата на нашиот мудар и ингениозен народен раскажувач…“[5] Димитар Митрев во својот есеј за прозата на Чинго забележува:,Не ми е познато дали во лозата чинговска постоел некаков народен рапсод од кого Чинго ја наследил својата неусилена раскажувачка моќ, но тој ја има таа моќна посебност и која низ вековите на овој народ никако не била некаква индивидуална посебност. Раскажувачки талент што е повикан во животот на нашата литературна повест од силниот бран на нашата вековична раскажувачка стихија. И на нас што читаме и сосема неусилено ни се чини дека Чинго е уште еден од мнозинскиот број на некогашните народни раскажувачи.“[6]

На претпоставката на Митрев директен, потврден одговор дава самиот Живко Чинго во едно интервју: „Уште од најраното детство имав можност од устата на татко ми кој во месноста важеше за еден од најдобрите раскажувачи и пејачи, да чујам огромен број приказни, потоа секакви кажувања за „животиштето“. Особено кажувањата за животот беа силни, чисти, раскажани со разбирлив, близок јазик, веднаш во душата да ти се всади болка за оние за кои се говореше. Настрана од тоа каде беше познат како човек со многу пријатели. Речиси секој ден куќата ни беше полна со секаков свет. Повеќето беа работници, другари на тате, занаетчии, попови, Ѓупци, Турци, пијаници, лажливци, револуционери, партијци, филозофи, копачи на злато…“[7])

Во сиве наведени мислења, кои се, во основа идентични, се забележува дека основното сознание води кон една одредена генерализација: суштинските вредности прозата на Чинго ги остварува во доменот на стилот. Нејзините инспиративни текови се поврзани со уметничкото облагородување на говорот, на приказната, кои, исто така се наврзуваат на една подалечна и подлабока раскажувачка традиција. Забележливо е дека стилот на Чинго не произлегува од еден вид говор, од еден вид раскажувачка традиција. Тој не се надоврзува само на фолклорот, тој не се надоврзува ниту само на говорниот стил. Прашањето е мошне покомплицирано. Изворите на чинговата стилистика се наоѓани, главно, во тие два домена, во фолклорот и во говорниот јазик, меѓутоа филтерот кој ги прочистува тие две структури е извонредно многу ригорозен. Пред с`е, тука е проблесокот на спомените од детството. Минувајќи низ тој критериум она што некогаш се слушало, што се разбирало и сознавало, останало во сеќавањата и како готов јазичен материјал но, како што бидува со сите спомени од детството, станало амаглам, надополнет со сетнешни искуства, со нови сознанија и виѓавања. Натаму, можеме да воочиме еден процес во градењето на чинговиот стил кој се остварува врз еден евидентен принцип. Чинго пишува за селото, за неговиот живот, неговите ломови и катаклизми. Меѓутоа говорот што Чинго го слушал не е оној изворен селски говор, не е чисто рурален елемент. Чинго бил во допир со еден нов говор создаван врз традициите на селото, врз мудроста на фолклорните сознанија, но веќе изменет со една нова социјална ситуација на селото во кое с`е повеќе се создаваат говори на одделните занаети, говори на новата политичка ситуација на луѓето, говори на дојденците, на бегалците, на повратниците. Тој свет на Чинго не е воопшто останат на нивото на старото село каде усното творештво уште не било опфатено со некои нови сознанија, со нови потреби на изразот, со нови поими и ситуации. Во селото што го носи во себе Чинго, веќе се пробиле и елементите на онаа цивилизација што до пред педесетина години немаше никаков пристап во духовната сфера на народниот раскажувач. Затоа јазикот што Чинго го изнаоѓа меѓу луѓето за кои говори не е оној фолклорен јазик што ќе го најдеме во старите зборници на народни приказни. Чинго се потпира, во основната јазична структуираност на својата проза, повеќе врз живиот говор, помалку врз фолклорот и неговите идиоми.

„Говорноста“ на прозата на Чинго секако има пресудно влијание врз суштината на нејзиното примање кај читателот. Во тој вид раскажувачка постапка најпрво ни се сугерира впечатокот дека сето она што го читаме е автентично, дека книжевниот свет на Чинго е изграден врз претпоставката на вистинското постоење на неговиот стварен образец во самиот живот. Меѓутоа светот на Чинго не е отсликување на некој образец, тој е граден самостојно, врз едно специфично естетско искуство. За да може да постои како заокружен и завршен свет на човечките егзистенции Чинго ни го доближува со средствата на јазикот, избирајќи во него нивои кои најсугестивно и највпечатливо ќе го остварат тој вид на вистинитоста. Иако можеме со една јазично-стилска анализа да проникнеме во феноменот на создавањето на тој свет, сепак, се чини, никогаш докрај нема да осознаеме, како тој ни се наметнува, како ни се налага и на кој начин проникнува во нашата свест и во нашите емоции. Јасперсен, барајќи формулации кои ќе го протолкуваат воздејството што едно книжевно дело го врши врз нас низ својот основен материјал, низ јазикот, вели: „Тоа уште повеќе се однесува на оваа внатрешна убавина на јазикот која произлегува од изборот и распоредот на зборовите, од сета нивна сугестивност и способност да разбудуваат чувства. Со такви маѓепсни средства писателот успева понекогаш да фрли маѓија врз нас што ниту најпродирната анализа не ни помага да ги пронајдеме причините и законите на тоа дејство.“[8] Суштински, посебнота на прозата на Чинго се наоѓа во доменот на естетското: само во убавината на таа проза се остварува нејзиното дејство, нејзиниот секогаш згустен впечаток, сугестивната моќ што н`е приврзува кон неговите текстови и овозможува тие да останат трајно врежани во суптилните сплетови, на нашата меморија, пред с`е во нејзиннот емотивен комплекс.

вернуться

1

раскажувачкото творештво на Живко Чинго (поговор) стр.138

вернуться

2

Живко Чинго „Пожар“, Македонска книга, Скопје — 1970; П.Т. Бошковски:

вернуться

3

Миораг Друговац: „Биографија литерарна“, Мисла, Скопје — 1968, стр. 97.

вернуться

4

Милан Ѓурчинов: „Определувања“, Култура, Скопје — 1969, стр. 204.

вернуться

5

Георги Старлелов: „Светови“, Мисла, Скопје — 1969, стр. 85.

вернуться

6

Димитар Митрев: „Критики и огледи“, Мисла, Скопје — 1969. стр. 105.

вернуться

7

Интервју на Петар Т. Бошковски со Живко Чинго, „Разгледи“ Скопје, јануари 1970, стр. 53.

вернуться

8

Otto Jespersen: „Covjecanstvo, narod I pojedinac sa lingvistickog stanovista”, Zavod za izdavanje udzenika, Sarajevo-1970, str.118.