Выбрать главу

Под строј, под команда. Проклет да бидам, во ред. Мајко моја, во ред. Запомнете го тој збор ако не сакате на секој чекор да ве клоцаат. Скотови, кој ја измислил таа брлива работа, ред. И ете, како награда за с`е што беше изгубено, како во најубав сон, маѓепсани стоевме на тој брег.

Милата вода! Вечерното сонце легнало над брановите, им се предало. Гледате: конец по конец се одмотува од златното клопче на денот. Во тој миг Големата вода личи на некој огромен разбој што полека, бесшумно, чудесно ткае. По некој таинствен пат, гледаш, сето тоа се пренесува и на брегот. Проклет да бидам, и дрвјата и птиците што слетале на нивните гранки се запределиле, златни пајажинести мрежи се веат по површината. Некои чудесни гнезда, се колнам. Тоа истото како да се случува и со луѓето, со чудна возбуда туку се јавуваат, туку се губат зад затворените прозорци. Проклет да бидам, како да се плашат да ги отворат. Но погледите ги откриваат, издаваат, во нив гледаш с`е, влегла во нив водата, ги зела. С`е, с`е се престорило во еден огромен, чудесен разбој што непрестајно неуморно тивко ткае. Така неосетно над нашите глави се отвора треперливото јужно небо. Илјади, безброј малечки кандилциња се запалуваат на јужниот свод. И чините како токму овој час да го чекала водата, слушате како се пушта, како волно, силно зашумува. Во часот таа е насекаде, проклет да бидам, нејзиниот глас е над с`е наоколу, царува. О, тој златен бран! Се колнам, тоа беше гласот на Големата вода.

— Ајде, — ми рече тихо Кејтен, ставајќи ја на моето раме својата долга, ковчеста рака, — ајде, малечок, ми шепна, зар не слушаш, таа нас н`е чека!

Проклет да бидам, тоа беше вистина. Заборавив на казната, што значеше и најголемата казна пред една таква убост. Не го прашав ни каде, ни зошто, тивко, без збор тргнав по него, како пленик препуштајќи му се да ме води. Тој како црн ѓавол се лизгаше по брегот надолу, потоа како јаре се префрлаше од карпа на карпа, непрестајно мавтајќи ми со рака, викајќи ме по него. Се искачивме дури на највисоката карпа. Проклет да бидам, највисоката.

Насекаде наоколу беа вода и ѕвезди.

Милиони малечки ѕвезди, проклет да бидам. Од нивниот благ оган како да се потпалуваше целото пространство, па чиниш насекаде светкаат, треперат. Слегле во водата, пловат. Во еден час сета вода и сиот брег почнаа да пламтат, зелено, сино — со глас на човек почна да н`е довикуваат, да н`е мамат. Проклет да бидам, можеби измислувам, можеби тоа беа само тихи, темни бранови, но тој глас беше вистина. Можеби тоа беше зелениот дух на водата, што знаевме — неми, стутулени еден крај друг седевме на највисоката карпа. Во сон, во магија. Без збор слушавме како доаѓаат и како се губат водите; како во ноќта бргу се множеа ѕвездите и како во изутрината уште побргу се топеа претворајќи се во ситна, сива прав. О, убавите ѕвезди на јужното небо. Гледавме како се губи снегот од родните полиња, се враќавме дома, проклет да бидам, дома. На портата еден мил лик со големи, многу длабоки очи, сини, чисти, најубави очи н`е пречекуваа. О, мил, боже, еден бран личи на Сентерлевиот рид. Се колнам, тој час ги видовме сите мили слики, сите изгубени слики беа вратени, секој предмет пак си беше на своето место. С`е, с`е беше вратено, дома. Ви се јавува и сосема заборавена работа, некогаш малечко трнче што ви влегло во босата нога, помните како мајка со игличка полецка го молкне и, за да не ве боли, непрестајно дувка со уста, со својата душа. — О, мило мое, о, мајкино срце! — го слушате нејзиниот глас.

С`е беше во Големата вода. Проклет да бидам сето тоа беше толку просто и убаво. Тоа беше среќен час, еден од оние часови што не се заборава што станува вечен.

— Кејтен, — го навикав на име како стар пријател, — Кејтен, брату мој!

— Леме, — рече исто така пријателски, како малечко кученце ме погали по косата, ми ги запре солзите што сами ми дојдоа на очи, рече: — Леме. брату мој!

Таа ноќ еден бран влезе во нас, еден бран што никој не ќе може да ни го земе. Тој бран останува човека за сите векови, се колнам.

Во што беше таа негова моќ? Многу непреспани ноќи, многу тешки денови ми донесоа само еден одговор, се колнам, тоа беше неговата човечка добрина. Тогаш ќе треба да раскажам за с`е, о боже, како умееше тој на мртвите, на неподвижните предмети да им даде душа, да ги оживи, да ги направи други, вистинити. Проклет да бидам, вистинити. Едно време во домот, многумина се посомневаа во неговиот човечки пород, ги исплаши неговиот дух (иако најжестоко се проповедаше против религијата), — некои, сепак, се посомневаа во него, можеби тој беше плод на нечистиот. Проклет да бидам, плод на нечистиот. Од каде, инаку, кај него таа шилеста глава, шилести раменици, нели тоа е некој страшен, полноќен, заврзок на некоја несреќна девојка со злиот дух. Тој не донесе никаква карактеристика, не си спомнувам некогаш ниту збор да рече за својата мајка, татко, браќа, сестри, — не, проклет да бидам, тој никогаш не спомна за својот кејтенски род. Каков можеше да биде тој? Едно беше познато, се колнам, секој што ќе посегнеше врз него потоа како да ја губеше моќта. И тоа не беше еден случај, — с`е што беше невидливо тој го виѓаваше, с`е што беше далеку, недофатливо тој можеше да го има, с`е што изгледаше цврсто со допирот на неговите шилести прсти се престоруваше во прав. Најпосле, зар тој не беше единствената и вистинска причина за смртта на Аритон Јаковлески, зар тој не го урна целиот ѕид, зар тој не ја пушти Големата вода. Проклет да бидам, беше обвинет за најстрашни нешта што сигурно никогаш не ги сторил во животот. Тогаш разбирате колку морал да претрга; најпосле, тој мораше тоа на најнезамислив начин да го плати. Проклет да бидам, токму така да го плати.

Ѕидот

Тогаш уште ништо не знаевме за ѕидот. За утрата во домот, за будењето, за сонот во ова проклето место. Во почетокот ѕидот не се забележуваше. Нашите глави с`е уште беа земени, пијани, полни со оној светол ветар од водата. Треба ли да ви спомнувам за оние занесни, чудесни часови на среќа поминати таа ноќ крај Големата вода. Проклет да бидам, каков убав сон беше Големата вода, — секогаш верував во измислици.

Ѕидот беше околунаоколу домот, како смок притаен. Огромен. Ќе те гушне ли, ќе те завитка со опашот и тогаш ти нема спас. О, боже, тие ужасни, црни изутрини крај тој ѕид. Глуви. Секоја изутрина чиниш изедува по едно дете. Сликата на домското утро остана како нешто најстрашно во мојот живот. Насекаде, крај ѕидот, можеа да се видат предвреме пробудени деца, уште во матен, тежок сон, гурелави, посинети и во треска. Повеќето од децата беа боси, лошо облечени, кое како што пристигнало. За да се ослободат од мразот на раните, студени утра (боже, росата како знаела да каса), — долго правеа една глупава фискултура, сеедно цупкаа по земја, едно-две, лева-десна, горе-долу — на тој начин колку-толку затоплувајќи си ја душата. Проклет да бидам, душата. Нејзе `и беше најстудено, душата беше мраз. Обично беа неми, со чудни, големи очи, болни, со темен пламен, со постојано наведнати главички, нешто изгубено како да бараа по земјата. Обично со часови така стоеја со летната глава, како некое младо, тенко цвеќе на кое лошиот ветар му го скршил стебленцето, па се свиснало, вене. (Но можеби тоа доаѓаше и од гладот) Особено тоа се забележуваше кај девојченцата. Проклет да бидам, нашите убави девојки! Истрижени, сакати, како грди момченца, смалени, стопени во општиот ред. Проклет да бидам, некој измислил општ ред за убавите девојчиња.

Насекаде наоколу се ширеше страв, непознат страв. Јас и денес треперам кога ќе видам детски домови, с`е уште мислам таму е таа глувост, таа неподвижност, таа штама. Тој страв што влегол во секое дете, во секој предмет. Таа пустош и сиромаштија, од што не се знае дали завршила војната или се уште трае. С`е уште ги гледам децата прекршени како старци, деца што со мака голтаат воздух, уште потешко го испуштаат, деца што не трчаат туку се влечат лазат по правта, деца што одвај во денот ја отвораат устата. Понекогаш тоа траеше со денови, понекогаш тоа траеше со недели, понекогаш таа слика се повторуваше со месеци. И ден и ноќ. Неми деца, проклет да бидам, немо загледани во ѕидот. Но тука вистински не можеше ништо да се стори. Знаеш, ти си заграден со тој проклет ѕид. Немаш каде, одделен си од другиот свет. Проклет да бидам, од сите страни си заграден.