Выбрать главу

Од тој ден Кејтеновиот син беше личност во домот. А таков, најблаго речено, не беше пожелен во тоа време. Во домот никој не смееше да има своја волја, свои мисли. Колку побргу тоа ќе се разбереше, толку страдањата беа помали, успехот подобар. Карактеристиката одлична. Проклет да бидам, карактеристиката беше најважна. Таа човека го правеше човек, или разбојник, точно така, разбојник.

На крајот ни беше изречена чудната казна. За неодредено време ние бевме одделени еден од друг, не смеевме да бидеме заедно на ниедно место во домот. Исто така, на сите им се забрануваше излегување крај Големата вода. Потешка казна, се разбира, не можеше да смислат. Проклет да бидам, тоа беше најтешко со што можеа да н`е казнат. Бев одделен од Кејтеновиот син, а сега ни ги забранија и сите соништа за Големата вода. Знаеше татенцето, ако сакате некого да казните, ако сакате прописно да го казните, за целиот живот, тогаш разделете го од она што му е најмило. Искорнете му го тоа што му е во срцето, осакатете го, ослепете го, за да не ви избега. Неразбирливо, како можеше нешто да се уништи ако е тоа во срцето на човекот. Знам, знам уште еден век ќе мине во заблуда додека не го разбереме гласот на Големата вода. Но јас веќе гледам како се растураат замрзнатите строеви, колони неслободни луѓе под една команда, под еден ред, под едно ѕвоно, слушајте, таа иде, се колнам. Проклет да бидам, пријателе, таа иде.

Колку што деновите одминуваа, јас с`е поцврсто верував во приказната за Сентерлевиот рид. Не може тоа туку така да се измисли цел еден рид, еден огромен рид од каде што се раѓа сонцето. Сигурно тој постоеше и качувањето по овој рид можеше да трае сто векови, целиот живот. Целиот живот и никогаш не ќе знаете до каде сте се искачиле. Проклет да бидам, тој пат. Тоа дури не го знаеше ни другарот Секуле Метеорот, оној маж што предаваше географија и што не дослушуваше кога ќе го прашавме, — ако нема господ на небото, тогаш што може да има? Еднаш дури го прашавме и за тој рид, за Сентерлевиот. Си плукна во очилата за да ја очисти калта, од пазува извади некакво старо тефтерче и се вдлабочи над неговите пожолтени страници. — Не постои сличен рид рече со искрен глас, длабоко издивнувајќи. Сосема добродушно додадено: — Се боревме на Ендриевиот рид, некој Ендриев рид, проклет да бидам. Потоа на Кленоечкиот, таму паднаа доста наши другари, пред самото ослободување, тоа го рече со таков глас што мораше да му се верува. Наредив уште илјада и триста ридишта низ кои минала бригадата, но никако не можеше да си спомни за Сентерлевиот. — Постои, — се јави гласот на мајка Верна Јаковлеска, — постои, мили мои!

Аудиција, избирање на таленти

Проклет да бидам, циркус. Поети, артисти, оперски пејачи, балети, свирачи, кросисти, таленти. Во тоа време, за сите нив којзнае како во мене беше всадено едно многу чудно, болно чувство. Мислев тоа се несреќни луѓе, болни, неизлечиви. Кутрите нељубени суштества, мислев, браќа на човекот. Се разбира, го знаат тие животот, го сакаат, го љубат животот. Човекот им е во срцето, — го знаат тие неговото лично, несреќно лице. Сигурно, кога и тие се несреќни, навредени, згазени луѓе. Биле и гладни, сигурно исфрлени од прагот на многу куќи, негостољубиво дочекани, о боже, такви тие знаат што да испеат, да ја овековечат болката на човекот, знаат што да му кажат, каде да го упатат. Затоа отсекогаш сум ги слушал со отворена уста и таа проклета навика од најраните години уште ме следи. Ќе ми заприкажува човек за најглупава работа, на пример, како цел тој ден се моткал околу велосипедот на неговиот син (сигурно му пукнала гумата) и јас ќе отворам уста за да го слушам. Тоа не беше причина подоцна најсилно да ги замразам, да ги наречам разбојници, најголеми лажговци. Сигурно тогаш не знаев дека се тоа особени луѓе, колнати, дека со нив од едната страна иде ангелот, а од другата ѓаволот. Сакав да раскажам за тоа, за талентите, за тој несекојдневен настан во животот на домот.

Таквите работи се правеа во празничен ден. Проклет да бидам, празничен. Тоа веќе беше в ред, тоа веќе однапред го знаевме. Пред седум дена. Сигурно за да бидеме подготвени за дочек, пречек на музата. Проклет да бидам, муза. Мислевме тоа е некоја Оливера Срезоска, член на испитната комисија. Но знаевме нешто друго, а тоа признавам, беше најдоброто во таков ден. Тој ден подобро н`е нахрануваа, проклет да бидам, н`е колкаа до гуша. За тоа добро си спомнувам, за појадок добивавме изобилно витаминска, зеленчукова чорба. Со зелка и доста компир. Проклет да бидам, го јадеш и го доживуваш, тие раѓаат секакви чувства. Сигурно попусто не ни даваа толку компир. Имаше и репете, јадеше колку душа што ти сака. Го сркаш тоа и си мислиш, — денеска се избираат таленти, боже, што ќе пропее во тебе, каков е твојот талент. За што си ти, погодуваш, велиш едно, велиш друго, па тешко да се решиш, зашто гледаш сите таленти се во тебе, ги имаш, ти ги дал господ. Приземаш од компирот и пак размислуваш, си велиш, ајде да бидам поет, тоа е добра работа, не, ќе ме натераат нешто да цитирам, не знаеш, тоа не е убава работа, — ајде да бидам оперски пејач, сакаш да пробаш, си голтнал цел компир, не излегува гласот, се препотуваш, најпосле се ти се помешува, срце малечко, паѓаше во очај, мислиш, ами ако нема ништо во тебе, наеднаш ти паѓа тешко, ти се слошува, сето тоа што си го кркал со преголем апетит, отров ти станало. Но на аудиција мораш да излезеш, таков е редот. Мртов. Проклет да бидам, мртов. Се поохрабруваш пак, нешто те држи сепак ти го крепи духот, тие веќе некако ќе ти го одредат талентот, знаат тие, проклет да бидам, знаат, знаат кој колку пари чини.

Оттогаш поминаа дваесет, триесет векови, но јас за с`е толку живо си спомнувам, како тоа да беше вчера, вчера изутрина, за појадокот. Во седум часот, а будни сте цела ноќ. Цел век, проклет да бидам. Гледате очите на сите деца полни се со некој темен, страшен оган. Светнале испиените лицулиња, станале некако чудно неспокојни, многу сериозни, чиниш умни, убави, никогаш поличен не бил стројот. Уште првиот ден кога ни соопштија за овој толку чуден, необичен настан во нашиот живот, н`е фати таа треска. Проклет да бидам, треска. А тоа, исто така, беше соопштено на најуметнички начин. Воспитувачот, предобриот Трифун Трифуноски, поет, одговорен раководител на Фискултурната и литературната дружина, со две околиски првенства на крострчање (пролетниот и есенскиот крос) — со еден забележителен, забележлив републички настап, тринаесетти, изваден во весник, награден со диплома и тие нешта што одат со тоа, — на највозвишен, стоотстотен уметнички начин ни соопшти за денот на аудицијата. Господе, каков глас, тоа, се разбира, беше мојот тогашен критериум за уметноста, мислев, коњите трчаат за да се докажат, природно, поетите викаат за да се надвиваат, — реков, каков глас, каков силен глас имаше Трифун Трифуновски. А требаше да се рече како тој, читајќи, сите од ред н`е потресе, н`е столчи. Проклет да бидам, можевме наместо да останеме мртви, покосени. Читаше збор по збор, граната по граната, разни калибри, зависеше од целта — маршираше од едниот до другиот крај на стројот, за него тоа не претставуваше никаков напор. Напротив, леташе, чиниш, птица, раширил раце и лета благородниот Трифун Трифуноски. Возбудата, страста во која беше искажано и најбезначајното зборче, ете, тоа пленуваше, потпалуваше. Пожари. Проклет да бидам, пожари. Немаше дете тојчас што не се помести од стројот, што барем еднаш под влијание на Трифун Трифуноски не замавна со рака. Туку гледате некој цела рака ќе ви ја вотне в уста, в очи, ќе ви ги извади очите. Не ве забележува дека сте крај него во стројот, ослепел. Воопшто тоа беше првпат кога децата толку многу се пуштија, заборавија на редот, на правата линија. Се колнам, првпат воспитувачите и татенцето ни простуваа еден таков страшен престап. Кое срце можеше да остане мирно, неразбранувано, кога Трифун Трифуноски ќе ги ококоравеше очите, кога, со прст покажувајќи на вас, ќе рече:

О, да! О, не!

Зошто не!?

Те гледам како глист,

а можеби во тебе е артист!

О, да! О, не!

Зошто не!?

Можеби пак враг,

некој друг чудна дарба,

ова-она, другар-брат,